„Ме прашуваат што е среќата? Kога сме задоволни, сигурни, кога семејството е обезбедено, децата имаат иднина, државата е средена. Кога сте почитувани, a вашата работа вреднувана. Кога можете да добиете правда, а институциите работат и ви служат вам. Среќа е кога ова што го кажав станува реалност, но реалноста покажува дека токму ова се работите кои недостасуваат. А годините поминуваат. Крајот на годината е одличен момент да се средат мислите и впечатоците“, вели претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во своето предновогодишно обраќање.
Во годината што измина, Мицкоски вели дека памети црно и мачно време. Според него, нема подобар живот, економијата не расте, нема инвестиции, здравство и образование се пред колапс. Наместо тоа, како што рече, има афери, скандали, руинирано и клекнато судство, притисоци.
-Сакаат да станеме апатични поради колективната несреќа која ја донесоа. Да се навикнеме на тешкиот живот, да ја нарушат самодовербата, да го скршат карактерот, за да може полесно се да им минува. Очигледно не си ги познаваат граѓаните доволно, ги потценуваат, вели Мицковски.
„Кога ми беше најтешко во годината што помина? Кога го менуваа името, посегнаа по идентитетот. Длабока рана оставија“, потенцира претседателот на ВМРО- ДПМНЕ.
Според него, во новата година потребно е да погледнеме во очите на луѓето, за да допреме до нивните срца. Да видиме што ги мачи и да се обидеме да им ги решиме проблемите. Да видиме што ги прави среќни и да им ја засилиме нивната среќа. Едноставно е, и како принцип, и како филозофија и како труд, вели тој.
-Ама треба работа. Треба да се засукаат ракавите, да се жртвува слободното време, да се намалат удобствата на политичарите за да се зголемат удобствата на граѓаните, заклучува Мицкоски.
Тој смета дека е потребна нова визија, во која промената треба да биде основниот двигател.
-Не оди веќе вака. Секој од нас треба да се запраша дали имаме уште 30 години за тапкање во место? Дали сакаме нашите деца да ги трпат искушенијата кои ние ги трпевме? Затоа промената треба да започне од секој од нас, така ќе ја промениме и сегашноста, и ќе обезбедиме подобра иднина. Ви гарантирам. Драги пријатели, бидете промената која сакате да ја остварите, порача првиот човек на најголемата опозициска партија.
-А, каква ќе биде годината што следува? Ќе има победа над црнилата. Искрата е веќе запалена. А сите заедно ќе ја донесеме зората. Силно ќе светне ден. Ова ќе биде година на одлуки, но и година на промени. Среќата е можна и таа ќе дојде. Свитканата кичма не е нашиот ген, ние исправени ќе се соочиме со предизвиците и ќе победиме. Нова генерација, која ќе донесе нов импулс, ново време и заедничка среќа, вели Мицкоски.
Тој забележува дека Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите останати, имаат исти проблеми, но и заеднички сон за подобра иднина. Македонија, вели Мицковски, ќе оди во Европа, но европеизацијата мора да тргне преку однесувањето и промената на принципите дома и веднаш. Според него, Македонија ќе биде економски успешна, затоа што народот е домаќински, работлив, вреден, и народот ќе се избори за убаво и светло секојдневие.
-Што посакувам? Успеси! Се разбира. Посакувам Македонија да успее! Посакувам новата година да ви биде бериќетна, со добро здравје и семејна среќа. Посакувам исполнување на желбите и бидете свои, единствени, со крената глава.
Нека изгрее зората која ќе донесе ново утро, нова надеж и подобри времиња за сите граѓани на Македонија!, порача Мицкоски.