Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Куманово во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ се осврна на црвените линии на Венко Филипче за кои рече дека се тројанскиот коњ.
-Ќе се осврнам и на политичките настани. Триковите веќе не поминуваат. Погледнете каков подарок од СДСМ сега спремаат за Бугарија. Тој подарок е тројански коњ, убаво спакуван, со таканаречени црвени линии, а всушност тоа е ново попуштање кон нашиот источен сосед. Нова бонбона бизнис која СДСМ ѝ ја дава на нашиот источен сосед. Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС, партијата на чие челo е Венко, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси, нагласи Мицкоски.
Тој потенцираше дека политичките трикови на СДСМ и Филипче нема да поминат и дека врз грбот на националните и државни интереси нема да дозволи некои да градат политички кариери.
-Но овој пат големата пречка за тоа сме ние народот на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што добро знаат дека тоа нема да дозволам да помине. Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии зарем некој овде верува дека има малку патриотизам во СДС и ова раководство на СДСМ. Јас не верувам, рече Мицкоски.
Тој повика на масовно излегувањее на изборите на 19 октомври, со цел како што рече, да се спречи ново предавство.
-Затоа да излеземе масовно на 19 октомври и да го заокружиме бројот 9. Тоа што за нашиот Источен сосед Венко е добар, за Македонците значи само едно – ново предавство, кое ние нема да го дозволам. Не постои цена не постои ништо коешто може да го извалка овој образ. Јас ветувам само чесна работа и дека ќе биде тешко но нема да биде срамно. Сите заедно одлучивме да го одиме тешкиот пат. Но не и срамниот пат. Националните и државни интереси нема да бидат крчма над која тие ќе ги градат своите кариери, а овој пат народот ги знае сите нивни трикови и ќе загубат дебело на овие избори, заклучи Мицкоски.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ