Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва, на првиот митинг во рамките на предизборната кампања за локалните избори се осврна на три работи.
Првата – сосема е евидентно дека имаме една тајна спрега, коалиција која ја спремаат во кујните на нашите противници. Постојат две коалиции надвор од видливото. Првата е онаа помеѓу Али и Димче, помеѓу ДУИ и Левица. Сега е кристално јасно зошто овие вторите извадија свои кандидати во Струга и прокси-кандидат во Тетово, каде немаат шанси да победат. Всушност, тие секогаш се на отворен пазар и на услуга на Али и ДУИ. Да не заборавиме. Прво го помагаа СЈО за добри хонорари, потоа самиот Заев отворено си кажа дека правеле тајни коалиции за наводно да ја спасат Македонија од ВМРО и Христијан Мицкоски. А сега си направиле пазар сакајќи од коj ќе профитира ДУИ. А тие пак – со истите трикови децении наназад. Како стара закачица, провоцираат и едвај чекаат да им одговорам. Сигурно пресметале дека ќе им вратам и така ќе им го подобрам уништениот рејтинг. Таа нивна игра мора и Албанците и Македонците да ја знаат и разберат. Така ДУИ си го крева рејтингот. А тезите им се стари и излитени – те „крвови“, те „јастреби, орли, зајци“ . Дваесет години истиот филм: Албанците му се иселија. Парам-парчe направија од крадење, а Албанците – дури и од неговото Зајас – се иселија; истото е и во Дебар, Струга, Тетово. Дваесет години беа на власт. Видовме што можат, а што не можат. И тие метафори на митинзите не поминуваат – добри се ако сакаат да гллумат во хумористични серии да насмее некого, но не и да влеат надеж каква им е потребна и на Албанците. Но доброто е што барем го научи името да ми го изговара правилно. Отиде во опозиција, а сега одиш во пензија, Али, јас ти ветувам.
Што се однесува до вториот договор под маса – тој на Венко, кој неговиот гуру од Струмица го склучи со еден градоначалник што е на црна листа за корупција од една скопска општина – дотолку се гледа тој таен договор за поддршка што се препознава од Месечината. Про форма, СДСМ извадија кандидат за градоначалник во Карпош, што ни самите не ја препознаваат, ниту ја рекламираат ниту ја поддржуваат. Да направат анкета – членовите на нивната партија ни името на жената не го знаат. Ја пуштија низ вода за да асот во Карпош на Венко мисли дека ќе победи. Истите луѓе со истите вредности. Веднаш штом ја напушти коалицијата, Стевчо отрча на коленици во Струмица да се разбере. И со него е лесно – одма најдоа заеднички јазик. И не жалам поради тоа. Но и карпошани и граѓаните гледаат што се случува. Но ваквите неприципиелни коалиции нема да успеат и ќе бидат поразени. Зошто? Зашто и првиот договор и вториот се рефлексија на безидејноста во која овие партии тонат. Не се реформираа. Останаа заглавени и верни на бизнисите и тендерите, и затоа се сојузуваат – за да ги спасат своите кариери. И овие сценарија се полесниот начин да избегаат од реалноста дека на овие избори ќе паднат уште повеќе и едвај ќе се држат на 130 до 140 илјади гласа поддршка. Некогаш големата и според нив држвотворна СДСМ спадна на рамниште да прави пактови под маса за да опстане. Но народот, овој пат – на овие избори – ќе им свири крај. Бидете сигурни – рече Мицкоски.
Потоа зборуваше, за како што рече, новиот „бонбона-бизнис“.
Втората работа што сакам да ја посочам е оној подарок на Венко за Бугарите – нов „бонбона-бизнис“. На времето, неговиот ментор, кога беше во прашање името, ни го спакува во метафората „да не му ја чепкаме жицата на гитарата“. Демек, тој многу се секирал за името, кое на бездушен начин го смени. Сега гитарата се вика „црвените линии“ на Венко, спакувани во неговата резолуција. Сте се запрашале ли зошто зборува за црвени линии, кога тој самиот нè убедуваше дека францускиот предлог е најдобриот што постои и не може подобар да биде? Па сега вели дека тој документ наречен резолуција бил „најпатриотскиот документ“ било кога направен. Луѓе, дојде време ова СДСМ да збори за патриотизам – верувале или не. А што била опцијата? Ако не ги внесеме Бугарите во Устав, како што сака Венко – да не сме преговарале веќе со ЕУ? Добро, во ред – но кое е решението што не ни го дава Венко? Кому треба сега овој негов предлог да служи? Јасно е дека ова е некое ново додворување на СДС кон нашиот источен сосед, на штета на Македонија. Тоа јас нема да го дозволам.. Сè додека јас сум премиер, за оваа македонска влада, има само едни црвени линии: тоа се македонските државни и национални интереси – рече Мицкоски.
На крај говореше за судството и обвинителството:
Третата работа на која сакам да се осврнам е една област која е меѓу последните и најголемите недопрени бастиони на корупцијата во државата – тоа е судството и обвинителството. Овие година и пол секаде започнавме со промени, со заздравување на атрофираниот и заболен систем во распаѓање, и секаде вложуваме труд – од образование, здравство, до економија и земјоделие. Промените се чувствуваат: некаде има повеќе резултати, некаде тие се со помало од очекуваното темпо, но секаде правиме промени. Но морам да признаам дека не сум задоволен од функционирањето на правосудниот систем, кој стана главното упориште на неправдите во државата, каде ќе ги најдете аргатите на системот кој го поразивме и нивните заштитници. Последната брана за правдата во Македонија. И ќе бидам брутално искрен околу дебатата што ја наметнуваат – како сум можел да кажам дека платите судиите и обвинителите не ги заслужуваат. И, со чест на исклучоци, сметам дека не само што не ги заслужуваат, туку им се и преценети во однос на тоа колку испорачуваат правда. Клановската екипираност и нивните отворени релации ги направија да се ѕид на правдата и штит на криминалот на апаратот што го менуваме. И сакам да најавам дека по изборите нема да има ниту политичка коректност ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот. Следуваат реформи за кои знам дека некои платени мегафони ќе паѓаат во несвест, но овој пат мора да не биде. Не може веќе правдата да чека, ниту да функционираме во две паралелни, нееднакви Македонии. Доаѓа време на правда, а Македонија ќе биде само една – таа на народот, таква каква што ја заслужува. Има само една Македонија – таа на народот.