Премиерот Христијан Мицкоски денеска имал работен појадок со претставници на Германската стопанска комора во Берлин, на кој зборувал за владините приоритети за инвестиции во патната инфраструктура, изградба на клучните коридори и инвестициите во енергетиката.
-Германија е нашиот најголем трговски партнер и остануваме посветени да ги искористиме потенцијалите за да го подобриме животот на сите наши граѓани. Мораме да направиме големи чекори напред за да народот почувствува подобрување по долгогодишната девастација на земјата, напиша премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил.
Претходно во рамки на посетата на Берлин, тој синоќа имал обраќање во Германскиот совет за надворешни работи (ДГАП).
-Говорев за нашите цели и нашата борба да ја стабилизираме државата. Наследивме власт која ја одзема државата од рацете на народот. Овие 100 дена како е новата Влада, работевме 100% посветено за да обезбедиме пристојност и нови можности. Меѓудругото се обидуваме и да го откочиме закочениот европски процес за интеграции преку полагање на нашите надежи во решение кое ќе биде фер основа за градење на доверба. ЕУ не смее да остане затворен клуб, туку интеграциска заедница на просперитет и можности, рекол македонскиот премиер.
Ова е втор ден од посетата на Германија откако вчера премиерот Мицкоски оствари повеќе средби со премиери на влади и политички лидери вклучени во Берлинскиот процес. Тој заедно со останатите премиери на државите од Западен Балкан вклучени во Берлинскиот процес го потпиша Акциониот план за заеднички регионален пазар за 2025-2028 година.
Мицкоски вчера се сретна и со германскиот канцелар Олаф Шолц по која изјави дека е потврдена германската поддршка за европските интеграции на државата.
Во владината делегација што ка предводи премиерот Мицкоски во Берлин, се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија, за внатрешни работи и за европски прашања, Тимчо Муцунски, Панче Тошковски и Орхан Муртезани.
Од владината прес-служба соопштија дека министерот Муцунски денеска ќе има средба со шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, по што е предвидена и заедничка изјава за медиуми.
Муцуснки ќе се оствари средба и со претставници од раководството на германската фондација „Конрад Аденауер Штифтун“.
Фото: ФБ Христијан Мицкоски