Може да се разликуваме во многу нешта, но заеднички ни е тоа што мораме да се избориме за подобар живот за нас и за нашите идни поколенија, истакна вечерва од Кичево премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Кога одлучуваме кој да ја добие поддршката за кандидат за градоначалник на Кичево, морам да признаам дека не размислував кој ќе биде најдобар за ВМРО-ДПМНЕ туку гледав кој ќе биде најдобар за кичевчани. Кој може да се бори за сите вас, за сите граѓани кои се дел од овој град, рече тој.

Мицкоски пред големиот број кичевчани порача дека најважниот проект за Кичево е заедништвото и обединувањето за развој на градот.

-Еден ланец е силен толку колку што е најслабата алка во него издржлива, една гранка е кршлива, но снопот гранки е непобедлив. Така сите ние мора да се обединиме околу заедништвото и да ги премостиме сите наши разлики, сите несогласувања и различни погледи. Ова е неповторлива можност да покажеме единство и да покажеме што му треба на Кичево, порача премиерот.

Истакна дека поделбите се предуслов за неуспех и дека народот мора да се обедини.