Бидејќи оваа година се навршија 100 години од убиството на Тодор Александров, еден од водачите на ВМРО, премиерот Христијан Мицкоски му оддаде почит во обраќањето по повод државниот празник 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна на Свечената академија под слоганот „Завет кој обврзува” во Музејот на македонската борба.

„Според многумина историчари тој бил еден од најмоќните и највлијателните лидери на ВМРО. Ја издигнал организацијата од рушевини и ја направил најмоќната организација во Европа, со која сите сакале да соработуваат и од која сите се плашеле. За нејзе слушнале од Даблин до Москва. За нејзе учеле сите од регионот, и од нејзе учеле сите кои знаеле што е борба за сопствена држава и идеја. Сакам на овој ден на денот на формирањето на македонската револуционерна организација да му оддадам почит, и да ги кажам зборовите кои одекнуваа при неговата смрт, а со кои соопштението за смртта до јавноста го завршиле во тој период. Во тоа соопштение објаснувајќи кои се убијците кои го сториле тоа убиство и објаснувајќи што се случило завршило со реченицата: Тодор Александров е мртов! Живее Тодор Александров!

Има ли помоќни зборови за некоја личност, кога човек ќе каже дека и покрај насилната смрт на тој човек, тој продолжува да живее. Заради неговото дело, заради неговата идеја, заради тоа што го направил за Македонија“, рече Мицкоски.