Мицкоски со порака до Метју Нимиц – Илузија се ветувањата дека по промената на името Македонија ќе стане членка на ЕУ, а се уште чека пред европската врата.
Откако специјалниот пратеник на ООН Нимиц вчера индиректно од Атина им порача на властите да не живеат во илузија и да го почитуваат Преспанскиот Договор, мандатарот Христијан Мицкоски денеска му возврати дека живее во реалност која боли и пече, каде 600 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден.
– Излажаа народ, кој што направи, според него илузија, како ниту еден народ во Европа. Најпрво се откажа од своето знаме, потоа се откажа неколку пати од Уставот, на крајот од своето уставно име. И за жал се уште сме во чекалната, не сме ниту на масата. Јас мислам дека треба да поведат сметка за своето поведение, кога коментираат кој и како живее во илузија. Јас живеам во реалноста, а реалноста е тешка и мачна за мене. Додека некој ужива во прва класа авионски и прекуокеански летови и во супер луксузни хотели. – рече Мицкоски.
Метју Нимиц кој скоро 2 децении од неговата кариера ја посвети на решение за спорот со името меѓу Македонија и Грција, вчера во Атина доби награда за мир за Договорот од Преспа, лично врачена од екс премиерите Заев и Ципрас и порача дека компромиот бил многу тежок, но и дека уште потежок е предизвикот, тој компромис да биде прифатен од идните генерации на политичари и во двете земји. До властите испрати порака да не живеат во илузиии туку да го почитуваат Преспанскиот Договор.
– Затоа денес упатувам молби до сите страни, да не ги поткопуваат овие договори, а особено да не се поткопува Преспанскиот Договор. Живееме во опасен период. Живееме во реалниот свет. И во реалниот свет имаме договори кои се постигнати. Значи, луѓето кои се на власт, треба да ги почитуваат тие договори. Не можеме да живееме во свет на фантазии. Не можеме да живееме во метауниверзум. – рече Нимиц