На седницата на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Христијн Мицкоски имал отворена дискусија на седницата на ЦК каде се осврнал на минатиот период на негова работа. Тој самиот ја предложил точката за организирање на вонреден конгрес и истата била едногласно отфрлена од членовите на ЦК.
Мицкоски посочил дека партијата била на чекор кон остварување на целта за предвремени избори и спроведување на волјата на граѓаните изразена на референдум преку отфрлање на договорот со Грција во парламентот, но истиот „црн петок“ добил информации дека група предводена од Митко Јанчев, Сашо Мијалков и Никола Тодоров работат на убедување на пратеници за да гласаат спротивно на волјата на граѓаните. Како што истакнал Мицкоски, со тоа почувствувал дека тие структури ја изневеруваат не само партијата, туку и граѓаните доживувајќи огромно разочарување. Делови од овие структури биле во комуникација со Вице Заев и Зоран Заев директно одработувајќи за нивните интереси.
Мицкоски посочил дека партијата останува на патот на евроатланските интеграции и дека од ова ќе излезе посилна и пообединета, а кога ВМРО ДПМНЕ е силно тогаш и Македонија е силна.
На седницата, Александар Николоски истакнал дека има луѓе кои се материјалисти и идеалисти:
“И додека едни се бореа за идеали, други се бореа за зголемување на своето лично богатство, и заштита на својот капитал. И додека ВМРО-ДПМНЕ се соочуваше со тешки моменти, одење во опозиција, лица како Сашо Мијалков во исто време го зголемуваа својот капитал, добиваа удел во хотел, променуваа сопственост во земјоделски задруги, формираа компании и акции во банки. И практично се дојде до ситуација едните да се бориме да го одржиме ВМРО-ДПМНЕ на власт затоа што силно верувавме дека постојат идеали, и дека се соочуваме со зло како СДСМ и Заев, а тие другите се бореа за власт само да го заштитат своето лично богатство и личен комодитет и затоа прават се сега за да себе си се заштитат вклучително и коалиции со оние против кои ВМРО-ДПМНЕ жестоко се бори, СДСМ“, истакнал Николоски и додал:
„Токму лицето Сашо Мијалков во изминатиот период посетуваше дома пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со луѓе, кои со себе носат и работи кои не се својствени за нормални луѓе и вршеше агитирање да го поддржат договорот. Дел се уплашија, а дел и не потклекнаа. Тие што на прва одбија, веднаш беа обработени со заштитен сведок, а една пратеничка која не е опфатена со случајот „27-ми“ или со СЈО, а која гласаше за уставните промени “сосема случајно“ е во роднинска врска со Мијалков.“