Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера се обрати на изборната конвенција на Словенечката демократска партија на Јанес Јанша, што се одржа во Цеље, Република Словенија.
На конвенцијата се обратија и премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан и лидерот на Европската народна партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер.
Мицкоски пред присутните истакна дека настанот на кој се обраќа е предвесник на промените кои ќе се случат во пријателска Словенија и регионот.
– На овие избори граѓаните ќе одлучуваат која патека да се избере. Јас сум убеден дека Словенците ќе ја изберат вистинската, патеката на стабилност и подобар живот. Посветли денови доаѓаат. Словенија ќе биде промената која Европа чека да ја види. Словенија ќе го означи почетокот на промените во регионот и поразот на владите кои не работат и не придонесуваат ништо за граѓаните, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека за да се случат тие промени од најголема важност е да се даде понуда која ќе овоможи подобар живот на сите Словенци, понуда која ќе отвори нови перспективи и ќе изгради подобра иднина за сите и за регионот во целина.
– Секогаш може да биде подобро, Словенија заслужува подобро. На граѓаните им е потребен економски раст, перспективи и извесна иднина. Силни индвидуи кои ќе предводат и ќе овозможат шанси за сигурен напредок е она што им е потребно на граѓаните, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека Јанес Јанша го има најдобриот тим и дека неговиот стремеж е Словенија која гради мостови, која станува повторно силна, Словенија која е отворена према Светот и има силни пријателства.
Лидерот на Европската народна партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер истакна дека му е задоволство да биде присутен во Словенија со пријателите од Европската народна партија и со пријателите од Унгарија и од Македонија.
Во своето обраќање Јанес Јанша посочи дека неговата визија е за Словенија која е повторно вреднувана и почитувана.
– Словенија ќе ни биде прв приоритет односно просперитетот на нашите граѓани. Словенечката и европската рамка за цивилизација секогаш ќе биде она што ќе го браниме во Словенечката демократска партија. Ние сакаме да бидеме пријатели со државите од регионот, рече Јанша.
Тој се осврна и за европскиот проблем со мигрантите каде нотираше дека претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ одигра важна улога во справувањето со мигрантскиот бран и иако државата не е членка на Европската унија, ги бранеше интересите на самата Унија.