Соголени најмалку два квадратни километри шума (колку од Карпош 4 до Центар) од 2000 до 2013 година, пробиени патишта за моторни возила, куп депонии од несовесни граѓани, нелегална сеча, криволовење дивеч, прекумерно берење лековити и ароматични растенија.

Ваква е отприлика сегашната слика на Шар Планина која го вклучи алармот за заштита.

Македонското еколошко друштво (МЕД), Центарот за едукација и развој, Институтот за развој на заедницата, Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Иницијатива за граѓанска интеграција од Гостивар, обединети во платформата „Пријатели на Шара“, покренаа иницијатива – Шар Планина да се прогласи за национален парк.

Активностите почнаа во 2015 година, а во нивни рамки, кон крајот на овој месец ќе биде објавен документот „Визија за Шар Планина 2038“. Во документот ќе бидат вметнати сугестиите и предлозите што локалното население ги изнесе на трибините во Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Гостивар и Тетово одржани од 26 март до 7 мај годинава.

Жителите на Полошкиот регион сакаат да се зачува Шара, а тоа го покажа и истражувањето од 2015 година кога потврдно се изјаснија 83 отсто од испитаниците.

– Шар Планина изминативе 20 години се соочува со голем број закани, особено со неконтролирано, прекумерно експлоатирање на ресурсите. Можно е еден ден веќе да нема природна вредност, да ги нема сегашните бои, вода, пејсажи, животински и растителен свет. Практично, ќе нема што да заштитиме, вели Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.

 

На Шара не се пие кока кола, туку нешто традиционално

 

Според Бесник Реџепи, професор на Државниот универзитет во Тетово, Шара не само што е богата со флора и фауна, туку е многу битна и за т.н. културен диверзитет.

– Тука гравитираат различни етнички групи кои се поврзани со природата на свој специфичен начин, а тоа е богатство за нас што мора да го зачуваме, нагласува Реџепи.

Професорот ја потенцира и важноста од заштита, но и од промоција на локалните производи. Не сакам, вели, кога ќе одам на Шар Планина да пијам кока-кола, туку нешто традиционално, типично за ова поднебје.

Од скијачките друштва посочуваат дека потенцијалот на Шар Планина е огромен. Уште во 1964 година се проектирани 88 скијачки патеки со висинска разлика поголема од 1.000 метри што е норма за олимписки игри. Со минимално инвестирање, Шар Планина  може многу брзо да стане водечки и врвен скијачки центар во Југоисточна Европа и пошироко.

Дополнуваат и дека врвот Љуботен е само 20 километри оддалечен од Кондово, но за ова изминативе години не е сторено ништо.

– Трагедија е што 90 отсто од нашите сограѓани наместо на Шапка, одат да скијаат во Банско, Боровец, Копаоник. Ништо не е направено изминативе 20 години за да се подобри ситуацијата на ова поле. Не сме оптимисти дека тоа ќе се случи и во наредните две децении, иако желбата е голема, напоменуваат од ски-друштвата.

Планинарите имаат сличен став. Тие укажуваат дека на Шар Планина треба да се развие рурален туризам, а неопходно е, велат, и маркирање нови планинарски патеки.

Како посебно богатство ја истакнуваат месноста Лешница, нарекувајќи ја храмот, срцето на Шар Планина. Лешница, според нив, е една од најзначајните геолошки вредности и извор на шарпланинскиот биодиверзитет.

– Во следните две децении ја гледаме Шар Планина како еколошки бисер, планинарски рај и снежна идила. Но, за да биде така, не може да се остави се на локалното население. Мора во процесот на заштита да се вклучат и надлежните, општините и државните институции, сугерираат планинарите.

Обнова на жичарата од Тетово до Попова Шапка

 

Жителите на Полошко сакаат да ја видат планината чиста, со забрана за движење на моторни возила. Имаат конкретна визија и точно знаат каква треба да биде Шара за 20 години. Едно од нивните клучни барања е месните заедници да имаат одлучувачка моќ. Предупредуваат и дека малите хидроцентрали се смрт за реките и за планината.

Бараат и возобновување на жичарата од Тетово до Попова Шапка,  одржување повеќе фестивали, културни настани, поголема промоција на локалните, традиционални производи (компир, грав, овчо сирење) и нивна достапност за евентуалните посетители, задржување на младите, развивање на еко-трузимот.

– Луѓето што се движат по планината оставаат се зад себе. Мора да се исчистат нелегалните депонии од несовесните граѓани. Треба да престане и сечењето дрва без контрола, реагираат жителите на Вешала.

Трибините во шесте полошки општини, освен што ја сублимираа визијата на локалното население за Шар Планина, детектираа и дека релативно голем дел од него не е доволно запознаено со процесот на заштита. Луѓето се плашат дека ако Шара биде прогласена за национален парк, не ќе можат да пасат и одгледуваат овци и крави, да прават сирење, да берат чаеви. Тоа, како приоритет, ја наметна потребата од поголемо информирање.

– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк нема да го наруши животот на сточарите, ниту на собирачите на чаеви, боровинки,… Само ќе стави ред, децидна е Пандурска Драмиќанин.

Заеднички е заклучокот дека потенцијалите на Шар Планина се многу големи, не само од еколошки, туку и од социо-економски аспект. Планината се уште има дивеч, волци, мечка, дива коза, а е карактеристична и по одредени растенија како што е планинскиот чај.

Пораката на активистите е да се почитува и чува она што го создала природата – шумите, падините, реките, езерата, флората и фауната.