Вечерва во централниот дневник на телевизија Сител гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. При своеото гостување истакна дека Владата треба заедно со другите партии да седнат на лидерска средба и да ги забетонираат позициите за заштита на идентитетот и јазикот.
„Зошто не седнеме на лидерска средба, зошто да не и олеснеме на Владата, зошто не ги забетонираме нашите преговарачки позиции со еден заеднички документ кој што ќе го усвоиме заедно во Собранието. Тие го велат тоа, ние го велиме тоа, ајде во Собранието да изгласаме една таква резолуција на која што ќе ги забетонираме позициите на Владата“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека така ќе биде полесно и на Владата, или пак на некоја друга Влада која што можеби наскоро ќе седне на тие позиции да преговара.
„Затоа ако немаат они проблем и ако е бетониран идентитетот и јазикот тогаш ајде да седнеме на таа лидерска средба. Да го договориме тоа, да влезе во Собрание, да се испреговара и заеднички да излеземе на тие преговори, тоа е суштината. Тоа е она кое што го бараме уште од минатата година, ноември месец, кога зборувавме за тие предвремени параламентарни избори. Уште тогаш зборував за лидерска средба и уште тогаш зборував за меморандум со кој што ќе бидат дефинирани црвените позиции на македонската преговарачка страна. Но за жал тогаш не убедуваа дека таквиот однос кај нашиот источен сосед било поради тоа што си ги зацврстувале позициите пред тогашните локални избори. Но, се виде дека тоа не било така. Туку денеска тоа е изговор на политичарите кај нашиот источен сосед и велат имаме меморандум поддржан со акламација од страна на сите политички партии и ние немаме многу простор да се движиме полево и подесно“, рече Мицкоски.
Што се однесува до пандемијата со корона вирусот, Мицкоски истакна:
„Многу сум разочаран, а воедно и лут за сето ова кое што се случува денеска во нашава држава. Зошто? За тоа што најпрвин јас тоа го почуствував на моето семејство и знам точно како и со што се справуваа моите родители, мојата мајка, мојот татко. За среќа и двајцата ја поминаа, едниот потешко, а другиот полесно. Но фала му на бога и двајцата ја преживеаја оваа би рекол тешка пандемична ситуација која што се случува во Македонија“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето гостување во централниот дневник на телевизија Сител.
Мицкоски додаде дека е сведок на многу јавувања на сограѓани кои што тие го преживуваат денеска справувајќи се со оваа пандемија која што за жал поради немањето на јасна визија и стратегија од власта граѓаните страдаат со своето здравје и животи.
„Ние како опозиција понудивме многу работи, а односот од страна на владата беше игнорантски и онака буквално брутално бевме одбиени. Еве последно што понудивме беше да се формира КОВИД Комисија. Како по принципот на многу држави во регионот кои што формираа една таква КОВИД Комисија и оваа КОВИД Комисија е таа која што е најповикана да предложи мерки и стратегија како да се справиме со пандемијата. Но бевме одбиени“, нагласи Мицкоски.