Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретна со градоначалникот на општина Тетово и претседател на партијата БЕСА, Билал Касами, при што беше разговарано за актуелните случувања во Република Македонија.
-За мене претставува посебна чест и задоволство што денеска сум овде во општина Тетово, што можам да разговарам со градоначалникот на општина Тетово и претседател на политичката партија БЕСА. Имавме навистина исклучително конструктивен состанок, изјави Мицкоски.
Разговаравме на актуелните теми кои што ги мачат сите граѓани во Македонија, разговаравме за актуелната политичка и економска ситуација, како што кажа градоначалникот зборувавме за предизвиците со енергетската криза. И навистина дојдовме до еден заеднички заклучок, а тоа е и практично заклучокот на огромно мнозинство граѓани, би рекол повеќе од две третини дека државата оди во погрешен правец, дека Македонија се движи во погрешен правец и дека оваа влада треба час поскоро да замина за да и тргне на Македонија и на граѓаните од Македонија без разлика дали се тоа граѓани на Скопје, Штип, Тетово, Гостивар, Струга или Струмица, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека колку подолго остане оваа влада на СДСМ и ДУИ, толку повеќе проблеми ќе имаат сите граѓани.
-Колку подолго оваа влада на СДСМ и ДУИ остане таму каде што е, толку повеќе проблеми ќе имаат сите граѓани, толку повеќе полни автобуси ќе ја напуштаат Македонија и најголем дел од нив никогаш нема да се вратат, толку повеќе ќе имаме корупција, ќе имаме криминал и ќе имаме лоша економска состојба.
Ако некогаш можевме да бидеме лидери во регионот според економскиот раст и според бројот на инвестиции, за жал денеска сме на самото дно и тоа е поразувачки факт, додаде Мицкоски.
-За мене преставува чест и задоволство што денеска можевме да поразговараме на овие теми, но и да поразговараме за предизвиците со кои локалната самоуправа и општина Тетово се справуваат на дневна основа. Голема храброст е што господинот Билал Касами го направи тоа најпрвин на локалните избори, а потоа и да се фати директно во костец за решавање на наталожените проблеми кои ги има општина Тетово, рече Мицкоски.