Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска остварил средба со Олин Ветингтон, член на бордот на директори на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Мицкоски истакнал благодарност за поддршката која што ИРИ ја дава во градење на силни демократски капацитети на државата, потенцирајќи дека ваквата соработка со зголемен интензитет треба да продолжи и во наредниот период.
На средбата се разговарало и за актуелната политичка состојба во државата, при што од страна на Мицкоски било нагласено дека државата се наоѓа во тешка состојба, потенцирајќи дека со убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори граѓаните одлучиле дека промените се неопходни.
Мицкоски нагласил дека избраните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе интензивно започнале со реализирање на ветените проекти се со цел испорачување на резултати и остварување на подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
Тој додал дека во државата мора да се случат промени се со цел реформите кои што ги ветиле пред граѓаните да ги спроведат, порачувајќи дека тоа е возможно само со организирање на предвремени парламентарни избори.