Во организација на Програмата за Западен Балкан на Центарот AIRE,  Регионалната Антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за правда, денеска во Скопје ќе се одржи регионална конференција на тема „Ефикасен поврат на имот во согласност со европските стандарди“.

На конференцијата, како што соопшти Министерството за правда, ќе се обратат претседателот на Европскиот суд за човекови права Робер Спано, програмскиот директор за Западниот Балкан во AIRE Центарот, Билјана Брајтвејт, заменик претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за правда Бојан Маричиќ, амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава Рејчел Галовеј, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и раководителката на Секретаријатот на РАИ, Десислава Готскова.

Модератор на конференцијата е судијата на Врховниот суд на Република Македонија, Мирјана Лазарова – Трајковска.

Конференцијата е дел од проектот „Борба против корупцијата и организираниот криминал во Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка за поврат на имот“ поддржана од Владата на Велика Британија.

Од Министерството за правда посочуваат дека повратот на имот е една од клучните антикорупциски мерки кои бараат зајакнување на законодавната рамка, институционалниот капацитет и регионалната соработка во Западен Балкан.