„Вториот работен ден на новата влада ќе биде одбележан со оваа инвестиција која има вредност од околу 450 милиони евра, нешто кое се нема случено кај нас, не само во полето на енергетиката туку генерално во бизнисот една огромна голема странска инвестиција која ќе произведува 20% проценти од вкупното производство на електрична енергија и тоа ќе биде таа енергија обновлива со што правиме чекор кон комплетна енергетска независност“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и иден премиер за време на денешната посета по повод почетокот на работата на вториот производствен погон на фабриката Киел Македонија во ТИРЗ Тетово, а одговарајќи на новинарско прашање во врска со новиот ветропарк.

Мицкоски е убеден дека за неколку месеци од денес Македонија ќе е енергетски независна.

„Јас сум убеден дека за неколку месеци од денеска ќе може да прогласиме дека Македонија ќе биде енергетски независна, ќе произведуваме онолку колку што ќе трошиме, а граѓаните нема да бидат загрижени за својот стандард и паричник заради големата инфлација поради високите сметки за електрична енергија туку таа електрична енергија која ќе ја трошиме истата и ќе ја произведуваме, нема да ја увезуваме со што ќе се намали разликата на нашата трговска сметка, а истовремено ќе се зголеми БДП, а со зголемување на БДП повторно ќе се вратиме на она место каде припаѓавме а тоа е во врвот во Европа според раст на БДП, а не сега на дното како изминативе 6-7 години“, дециден е Мицкоски.