Примерот за промени мора да го дадеме ние. Најавувам дека веднаш по редовиот конгрес на крајот на годинава, најдоцна на почеток на наредната ќе има големи промени во партијата и во Владата, најави денеска премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единственото најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот. Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари, рече Мицкоски, во обраќање на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Ќе ја санкционира, како што рече, секоја забеганост и ќе ги разреши сите оние кои “ќе не посрамотат како структура и како луѓе“, примерот за промени мора да го дадеме ние, и од секој од нас зависи како и со каков интензитет ќе се случуваат промените.
Мицкоски најави и сериозни мерки во делот на цените и стандардот, како и поддршка на стопанството.
– Свесен сум дека во Македонија тешко се живее и животот е скап. Да не преземевме некои мерки, и да беа другите од претходно на власт, како беше тргната работата, ќе заглавевме во уште поголеми долгови и инфлација и ќе се случеше целосен банкрот. И ова не го кажувам како изговор, туку како поглед кон реалноста, како израз на свесност како се живее, и во кои услови ние сега работиме. Планираме сериозни мерки во делот на цените и стандардот. Преку раздвижување на економијата и сетови на мерки за подобар стандард. Планираме многу нови проекти кои ќе помогнат на компаниите да растата, да создаваат работни места и да ги зголемуваат платите, тоа е нашата идеологија, да помагаме на компаниите за да создаваат раст и добри работни места и да ја движат економијата, затоа што веруваме во потенцијалите на луѓето, веруваме во нивната иновативност,креативност, претприемачки дух, и ќе вложуваме многу во поттикнување на мали и средни бизниси и ќе вложуваме во луѓето преку финансиска поддршка, грантови, субвенции, директни финансирања на проекти, но и образовни програми и едукативни курсеви за да се подготват нашите луѓе за времето кое го живееме, време на вештачка интелигенции, иновативни техонологии, комуникациска револуција, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на актуелните политички состојби и посочи дека ВМРО ДПМНЕ се подготвува за интензивно за локалните избори. Најави дека кандидатите за градоначалници ќе ги објават во два циклуса, а првиот ќе започне крајот на месецов по одржани состаноци на ИК и ЦК на ВМРО ДПМНЕ.
– Тоа што можам да го соопштам и кое ми е чест, задоволство но и голема обврска и товар истовремено е дека нашите кандидати водат со 4 до 5 спрема 1 во однос на сите кандидати на опозицијата во буквално сите општини. Не само што водат нашите најдобри кандидати, туку водат и останати тројца на листите чии имиња се истражуваат. ВМРО ДПМНЕ победува на овие избори а опозицијата прашање е дали ќе освои 2 до 4 општини. А ако продолжи вака како што тргнале може да не освои ниту една, рече Мицкоски.
Заминувањето на Таравари од Владата, наведе дека „е еден потсетник за сите нас дека додека ние настапуваме искрено и принципиелно кон луѓето и промените, тие не се заинтересирани за идеја, визија и промени, туку за нешто друго“.
– Сакам да му порачам дека неговите калкулации на долг рок нема да му испаднат добро за неговата партија. И дека со ваквото однесување на излегување и влегување во влада, кое е рамно на она “како до сега” нема да помине долго кога и неговите сегашни партнери од ДУИ ќе сфатат дека нивното партнерство е со времен карактер додека некој не му даде подобра понуда или не го уцени за нешто што му е побитно од ова сега. Јас така политика не водам. Можеби звучам наивно, но како што секогаш говорам промените започнуваат од нас, и ние треба да бидеме она што сакаме да го постигнеме, и тоа што граѓаните го очекуваат од нас, искрени луѓе, кои нема да калкулираат и да играат игри, и преку интигри, уцени, злоупотреби ќе се одржуваат на власт, туку ќе ја кажуваат вистината секогаш и ќе бидат принпципиелни и доследни на својот збор. Ако не сме доследни на зборот, тогаш џабе ни е се. И јас таков и ќе бидам, рече Мицкоски.