Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Дуел за Македонија“ на Канал 5 телевизија истакна дека Брисел и Европската Унија најмалку ги интересираат нашите емоции и идентитетот, туку само парафот на Ковачевски на штета на државата, затоа што тие би прифатиле секаков договор кој ќе реши некое прашање и не ги интересира нашиот интерес.
– Тука е најголемата грешка што зборува Ковачевски за Брисел, Брисел. Најмалку тие луѓе ги интересира нашата емоција и идентитет, нив ги интересира нивниот интерес, прво личен а потоа и на земјата од која доаѓаат, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека тие ќе поддржат секој кој ќе стави потпис на било каков договор кој ќе значи моментално решение на некаков проблем без разлика кои се последиците од тој договор, како што направи Ковачевски.
– Ако утре Ковачевски потпише теоретски дека Илинденското востание е Преображенско, дека не се илинденците Македонци кои се бореле за независна македонска република во срцето на Балканот, дека преродбениците не се Македонци, туку Бугари, дека вашите предци биле Бугари, дека Бугарите не биле фашистички окупатори, туку администратори, јас ви гарантирам дека бугарската влада ќе биде најголем промотор, а Ковачевски ќе го прогласат за најголемиот човек и Европеец во Брисел, но дали е тоа правилно? – вели Мицкоски.
Мицкоски потсети дека Билатералниот договор со Бугарија е дел од преговарачката рамка, веднаш под Копенхагеншките критериуми.
– Тука ќе се надоврзам дека Протоколите се составен дел од Билатералниот договор којшто е составен дел од Преговарачката рамка. Тука е направена клучната грешка, немаат план и направија потешко на сите после нив, изјави Мицкоски.