Три години власт на Зоран Заев и СДСМ, три години проблеми, откажувања, неправди, мачен живот, постојано исчекување за подобро, изгубена надеж. Ако на почетокот имаше оптимисти дека може подобро, денес е совршено јасно дека со овие луѓе Македонија губи, а секој изгубен ден подразбира пропуштена шанса и уште една генерација без иднина, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Интегрален текст од неговата прес-конференција, ви пренесуваме во продолжение:
Целта не ми е да одам до детали за тригодишното неславно владеење на Заев и неговата елита туку да се остврнам на неколку важни теми значајни за овој и следниот период.
Денес Македонија се соочува со најжестоката здравствена и економска криза. Со право народот е целосно фокусиран кон ова прашање, затоа што Ковид 19 пандемијата одзема животи. Мене ми е навистина жал што морам да го констатирам она што сите го гледаме, но оваа власт има целосен системски неуспех во справувањето со кризата.
Викаат дека добро се справуваат и дека ја победиле короната, но демантот стига веднаш и тој вели 140 луѓе кои за жал ги загубија животите, и 2.315 заболени, а во моментот над 650 активни случаи и неколку илјади во карантин. Доаѓаме до моментот кога дневно заразени имаме близу до троцифрена бројка во услови кога регионот околу нас има едноцифрена бројка на ново заболени или воопшто нема нови случаи. Македонија има повеќе случаи на ден отколку цел Балкан заедно. А што прави власта за ова прашање?
Не слушнавме ниту еден нов протокол, не слушнавме ниту една нова мерка, туку единственото нешто што го слушаме се избори па избори.
И кога ќе каже дека опозицијата се плашам од избори, следи еден логичен одговор а тоа е дека јас не се плашам како лидер на опозицијата и претседател на најголемата политичка партија, ниту од неговото Луј Витон обвинителство, ниту пак од неговото трас-трас судство, ниту пак од сите оние пакети кои што ги делеше во вид на поткуп, злоупотребувајќи ја кризата. Не се плашам буквално од ниту една негова репресивна мерка која што ја прави врз граѓаните, врз политичката слободна мисла, сето она кое што ни се случува е наша македонска денешна реалност.
Единствено нешто од кое што се плашам е да не изгубиме човечки живот повеќе и да не го загрозиме здравјето на граѓаните. Откако ќе го заштитиме здравјето на граѓаните, откако ќе ја поразиме конечно оваа пандемија предизвикана од Ковид 19 вирусот тој е готов, тој ќе ги изгуби изборите и ќе доживее изборен дебакл, затоа што граѓаните знаат дека Зоран Заев тоа што го правеше изминатите три години заедно со неговата елита, граѓаните нема да му го простат и затоа денеска се обидува наместо заедно со ресорниот министер, наместо со сите оние кои што се одговорни за здравјето на граѓаните а се дел од ресорното министерство да предложат некој нов протокол за заштита на здравјето на граѓаните, да предложат некоја нова мерка со која што ќе спасиме човечки животи, единствено нешто кое што го зборуваат е само избори, па избори.
Но, јас нема да го посочувам прстот во тоа кој бил крив а кој бил прав. Ова не е состојба која е предизвикана од само еден пропуст, туку систематска негрижа, а народот не може да биде виновен како што тоа го смета Зоран Заев бидејќи таквата теза е покритие за неговите неуспеси.
Комисијата за заразни болести наместо препораки за заштита на здравјето спроведуваше политички диктати од Заев. Сосема несовесно се олабави состојбата со мерките, но воедно власта во трката да се допадне и да има избори глумеше нормализација што предизвика и доведе до тоа вирусот и последиците од вирусот да се потцени.
Започнаа од СДСМ со изборна кампања, делење флаери, одење на терен, и претседателот на партијата кому половина партија му е во карантин, наместо да излезе со предлог мерки за заштита на граѓаните и да спасиме човечки живот повеќе, единствено нешто што научил како грамофонска плоча да го повторува избори па избори.
А што направија три години откако се власт во Македонија? Хаос, назадување и уништена економија.
Заев свесно не се сеќава, но Македонија не заборава!
Македонија не заборава на неостварените ветувања за живот во земјава, за 500 евра просек плата која наместо да се зголемува, таа се намалува.
На ветувањата за 500 километри автопатишта, за новите инвестиции кои не ги гледаме, се сеќавате за оние фамозни инвестиции на ФБ, гоогле, Санос, За чистиот воздух или гасификацијата која ја нема, за 5 % раст на БДП и економијата која не се случи ниту една година откако тие се влада во Македонија.
Македонија не заборава за неправдите. Тие против кои се бореше, денес му се сојузници. Одговараше ли некој? Нели правда ќе донесеше. Празна слама и ветувања. Гледаме и слушаме што имало во позадина, бизнис, зделки и нати го дај ми го политика.
Македонија не заборава и на неправдите со Смилковско Езеро, криминалот и корупцијата која е најголема во Европа.
Македонија не заборава на Рекет 1, Рекет 2, на големите афери кои се трејд марк на владата на Спасовски и Заев. На Луј Витон куферчињата, трас трас обвинителството и киднапираното судство.
Македонија не заборава на тоа дека 3 години по ред станавме хибриден режим.
Заев е Европеец онолку колку што Вице што е чесен. Тој станува најголема закана за Европската иднина. Народот се чувствува измамен, променето име, направени тешки отстапки а нема ништо од иднината која Заев ја ветуваше. А последната блокадата подразбира дека одново Заев тргува со најскапоценото историјата, нашето минато, нашиот корен, нашиот јазик, нашето постоење како Македонци.
Во економијата, гледано од професорски аспект, не можат ни да положат со оценка 6-ка. Факт е дека се живее најлошо.
Повеќе од 200 милиони евра нов долг во првите 4 месеци, а слушнавме од ресорниот министер дека мај сме го завршиле со нови 107 милиони долг или сега долгот надмина 307 милиони евра само во првите 5 месеци. Повеќе од тоа што беше планирано за цела година на почетокот од годината. Државава се задолжуваше и пред корона кризата, само тоа сега зема замав. Секое семејство до декември ќе биде задолжено 1 500 евра. Да зборам ли за најновите настани, за тоа дека нема ниту еден бизнисмен кој ќе ги пофали првите два пакети мерки и третиот кој е фиктивен и коруптивен во пресрет на можните избори.
Секој еден човек наспроти розевата слика на Заев на крајот од денот ќе си провери во паричникот и знае дека тој е празен дека корупцијата цвета и дека не се живее подобро.
На Македонија и е потребна стратегија. ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ и не сакам да ги гледам тесноградо работите. Мораме да се однесуваме одговорно спрема граѓаните и да го заштитиме здравјето.
Зоран Заев треба да престане со неговите паушални и би рекол опасни надри здравствени совети. Треба со огромна резерва да се земаат неговите погледи на работите затоа што пробувајќи да релативизира и опише некоја нова нормализација кажува дека короната слабее во својата сила, во истиот ден кога Светската здравствена организација излезе со анализа во која вели дека нема никакви докази за такво нешто, или кога Заев зборува за некои симптоми на грипот кои никаде не се признаени од науката за такви, или пак онаа негова теорија дека не треба да бидеме вознемирени бидејќи заболените биле од познати кластери, во состојба кога поради тоа што ја втурна неговата партија во предвремена кампања направи од СДСМ нов корона кластер. И откако не убедуваа дека септември ќе имало нов бран, нешто што никаде не го пишува во ниту една научна студија, нас сега ни се случува втор бран или би рекол можеби никогаш и не ни излеговме од првиот бран, туку овој пат е некој нов пик од првиот бран. И сега си сменија реторика и најдоа нов изговор, морало да се оди на избори затоа што повторно, замислете повторно не чекал некој датум за ЕУ.
Да бидеме сериозни, ако досега не ја завршија домашната работа нема ниту од сега.
Она што треба да го направи Владата и Заев е да направат мораториум на дневно политиканските теми, и да се фокусираме сите целото општество и напредна сила во надминување на оваа тешка криза.
Најпрво како што кажав на почетокот на денешната прес конференција да го победиме Ковид 19 вирусот, а дури потоа ќе се случи она што секој денеска во Македонија го знае, а тоа е дебакл на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев.
И ќе повторам на крајот на денешната прес конференција, Македонија не заборава.