Мицкоски го отфрли тврдењето на државниот обвинител дека нема основа за утврдување тешка дисциплинска повреда заради која се бара негово разрешување. Според премиерот, јавниот обвинител Коцевски имал демократско право на свое мислење, ама неговата досегашна работа, вели ќе ја ценат пратениците.

„Околку неговата досегашна работа, претпоставувам ќе имаат што да кажат тие кои го бирале, а тоа се пратениците. Така што, да почекаме да дојде предметот пред пратениците па дури потоа можеме да коментираме што е тоа што ќе се разговара и ќе се дебатира и кои се тие аргументи со кои што практично ќе се осопрува или демантира изјавата или ставот на Коцевски. Јас можам мое мислење да кажам, дека апсолутно не се сложувам со неговиот став и со неговото мислење, но тоа е само мое мислење. Јас не одлучувам, одлучуваат тие што го бирале, а тоа се пратениците во македонското собрание“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.

Предлогот за разрешување е веќе во рацете на Коцевски. Прочитал оти Владата има сомнежи за судир на интереси, пристрасност и влијанија, но смета дека тие не се основа за тешка дисциплинска повреда која се казнува со разрешување. Најави дека по предлогот на владата ќе се изјасни во законскиот рок од 15 дена. Претходно, Коцевски го одби предлогот сам да се повлече од функцијата и рече дека остава на јавноста да цени дали разрешувањето е законско.

Во меѓувреме, под лупа на Собранието ќе се најде и работата на членовите на Судскиот совет. Интерпелацијата за петтемина негови членови избрани од законодавниот дом е закажана за вторник.