Владата нема да презема чекори спротивни на Уставот, туку секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот коишто се за нас клучни два столба, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за лица кои се наоѓаат на црната листа на САД.

Мицкоски, кој беше на ставање на камен темелник на спортска сала во Црешево, рече дека законодавството има предвидено се што е потребно за лицата кои се дел од црната листа на САД.

– Она кое што е констатирано од одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде што се опфатени овие имиња, тоа е судија од Апелација и поранешен член на владата е практично дел од основаното сомневање на обвинителството. Мислам дека имаме доволно квалитетни процедури во рамките на системот ова да го завршиме. Ние нема да преземаме чекори коишто ќе бидат никогаш спротивни на Уставот затоа што не беше тоа причина зошто не гласаа граѓаните, нагласи Мицкоски.

Во однос на шпекулациите дека поранешниот вицепремиер Артан Груби, за кој судот одреди 30 дневен притвор можно е да добие политички азил во соседна земја, меѓу кои е наведена Албанија, премиерот појасни дека лицето е на црната листа на САД поради основано сомневање за сторен криминал, а не од политички причини.

– Лицето е на листата на санкции на САД и јасно се наведени причините зошто се наоѓа, поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал обвинителството покрена истрага, а судот како што сум информиран изрече мерка за претпазливост, односно притвор во време траење од 30 дена. Така што, тука не станува збор за политички причини, туку очигледно дека има нешто различно од политиката, односно дека постои основано сомневање за сторен криминал. Така што не очекувам дека тоа ќе се случи, но тоа е сепак одлука на тие коишто би влегле во една таква процедура. Јас не би можел тука да додадам или одземам нешто, истакна Мицкоски.

ФОТО: МИА Архива