Денес се собрани нови 20 илјади потписи против фалсификат на пописот кој на сила го турка власта. За два дена собрани се 45 илјади потписи, информира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Благодарност до секој еден граѓанин за поддршката. Никој повеќе го нема правото да го игнорира народот, затоа што народот е силата, енергијата и кај него е вистината. 45 илјади потписи за вистински попис.

Но и многу поширока порака за власта, која ако сега не ја разбираат, ќе ја разберат многу скоро.

Македонската пролет доаѓа“- порача тој!

Претходно, на настанот со кој ВМРО-ДПМНЕ ги одбележа Денот на мајчиниот јазик и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, Мицкоски во говорот истакна:

Нашиот јазик е нападнат, затоа што е нападнат идентитетот. А се што треба да направиме е да слушаме што кажуваа мудрите луѓе, што пишуваше Конески.

– Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред сите „правни“ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со се што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е, всушност како што вели Конески “единствената наша комплетна татковина”.

И ние, се разбира, секогаш треба да реагираме на ширењето на невистини и да го запознаваме светот со историските реалности. Меѓутоа, најефикасна реакција ќе биде нашето почитување на сопствената традиција и сопствените постигања на јазичкото поле. Ние не располагаме со комоција, за да си допуштаме во тој однос лекомислености. Ниту пак поделби. Ја немаме ниту комоцијата повеќе да дозволиме Влада која евтино ќе продава тоа што е скапо стекнато. Со животи, крв и страдања напишано.

Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште. А ова огниште е на сите, и верувајте ми има место за сите.

Во самиот почеток на 20 век, Kрсте Петков Мисирков прави целосен и промислен проект за кодификација на нашиот литературен јазик. Меѓу двете светски војни и НОБ, но ден денешен се пишува тогаш, се разбира илегално, еден антифашистички манифест на македонски јазик. На тој јазик на обесправен мал народ и не можеше тогаш да се прогласи нешто друго освен слободарски збор. Упорно го премолчуваат тоа оние што негирајќи ја македонската национална индивидуалност, сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и дека е тој само продукт на некаква политичка комбинаторика – пишува Kонески.

Но, јас не можам да се лутам на соседите, на Бугарија или Грција колку што вината е на првиот човек на нашата влада во Македонија кој на пазарџиски кантар стави се што за нас е свето. Без оглед тоа што тој вели дека идентитетот е бетон, неговите зборови и ветувања стануваат ирелевантни, затоа што делата го демантираат. Навистина оваа наша генерација ја носи и фрустрацијата што не се додржува да се одбрани она што како наследство го добивме, било да е од Мисирков, Илинден, Партизаните, основачите на независна Македонија. Стекнатото го губиме, а ново не создаваме. А не додржуваме бидејќи државата е на удар од луѓе кои криминалот им е основно занимање, а политиката ја гледаат како челичен штит од правдата која никако да успее да  пробие.

Е па еве ви кажувам, нема штит, нема корумпиран судија или корумпиран обвинител кој ќе спаси корумпиран политичар од тоа за криминалот да одговара. И не ме интересира кој од која партија е, кој кого протежира е, за криминалот со чекан, а не со молење. Од првиот до последниот ќе се соочите со правдата за секое свое дело или отстапување од законите и Уставот. Таквиот криминал е опасен затоа што удира и по македонизмот. Што мислите зошто денес за само 4 години под прашање, под сомнеж, под удар ни е јазикот, посебноста, идентитетот, името, нашето постоење. Затоа што различно гледаме со власта, тоа што за мене е посвето од сите свети работи, за овие што ја водат власта е прашање на бизнис и пари.  Не може едноставно не може премиерот најкорумпираниот премиер да е на чело на владата која пак е најкорумпирана во Европа, а тој така корумпиран со раката навалена на срце да вели дека е чесен. Народот веќе добро ги препознава тие игри и целосно е свесен за процесите.

Таа корупција и таа состојба на криминализираност на се и сешто во нашето општество треба да ги загрижи многу повеќе и меѓународните фактори кои во овој човек во минатото затоа што не се мислеше да распродава се што некој нему му оставил, гледаа милениче кое постепено гледаме како им станува товар, затоа што никој па и тие не сакаат да си имаат работа со криминалец. Затоа што неговиот товар станува и нивен товар, неговиот срам може набргу да стане и нивен срам. Затоа и тие треба да реагираат за сето она што е акутна опасност во нашето општество, неправдата, сиромаштијата, неказнетиот криминал.

На вчерашен ден 1943 година бил предаден, а потоа немилосрдно убиен македонскиот народен херој Раде Јовчевски Корчагин. Според овој човек, според Зоран Заев, Корчагин е убиен од администрацијата, а според историјата и вистината убиен е од тогашната бугарска фашистичка власт. Оваа дебата ја немавме пред некоја година, но денес го окупира целото наше внимание, затоа што откако разграбија се, остана да тргуваат со она што е сечие. Тргуваат со македонизмот како да е ситен добиток на распродажба. Го убиваат два пати и Корчагин. Жално и болно.

Почнаа да си играат и со историјата и ја укинуваат како посебен предмет. А историската наука не може да им го откажува на едни тоа што на други им го признала како нешто што се подразбира само по себе си.

Од друга страна го гледате и  она како го прават салто мортале на Заев за законот за лични карти. Знаев дека ќе влезе во ново политичко харикири, зошто не е  искрен и затоа што се напаѓа македонизмот и по таа линија. Прво поддржа во личните карти да пишува дека сме Македонци, потоа почна да се премислува, па ги пушти неговите платеници и слуги на дугме да готват терен да каже дека и можеби не е добро тоа да биде решението, па објаснуваше кој сакал прегратка без да се гушне, и други метафизики разбирливи само за него, ама остана труден и излезе на површина дека со тефтерчето реферира како покорно учениче кај грчкиот амбасадор за да праша дали може да пишува Македонец или Македонка во личните карти. Нормално бетонот распука и на оваа кривина.

Но времето покажува дека на народот му е прекипено.  Репер и цел ни е Европа, а според стандардот на живот од Африка не мрднавме. Во едно Зимбабве повеќе се вакцинира против корона отколку во Македонија. Лесото и Гвинеа се помалку корумпирани од Македонија.

Владата се ниша и е на стаклени нозе. Владата и Заев ќе падне и мора да падне!

За бадијала се и гумите за спасување што му ги фрлаат. Барем во изминативе месеци му ги видовме сите адути и оние скриени слуги во опозицијата. Остана верно ВМРО-ДПМНЕ на народот. Еден новинар ми вели сега сите се качија на еден ист брод, се собра дружината. Уценуваните и уценувачите. А Заев сакајќи да наштети на ВМРО-ДПМНЕ си стави уште еден тег на ногата. Епа Заев со здравје да си ги носиш. Си одговарате и по криминалот и по нечесноста. Ви кажувам сега доаѓа ураганот од народ кој ќе го потопи тој брод на кој сте собрани топтан.

Доста. Доста е. Доста страда овој народ обременет со сиромаштија, негирања, декаденција. Кажете им доаѓа македонска пролет, која не подразбира само будење на природата, туку и будење на народот. Нов почеток, нова енергија, бунт на чесниот народ против нечесните, стануваат обесправените, против оние кои носат неправда. Оваа македонска пролет ќе биде посебна. Ова ќе биде чиста борба на народот против хибридниот режим. Ова е повик на сиромашните и гладните против оние кои полнат џебови на трудот на напатениот народ. Пролета доаѓа, а тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ е будно и на штрек. И дека Владата ќе падне брзо, затоа што и чесните луѓе на СДСМ гласно велат дека овие ја претераа.

Конески велеше „Какви предавства сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, вели Конески се ќе помине, па и ова.

Мораме да ја обезбедиме иднината. Мора да се излезе од тињата во која сите не ставија. Да ја направиме разликата, да го осветлиме патот заедно. Нели и во една песна стои “Власт е власт ама чест е чест”, Мора да се прочисти политиката, има работи што се прашање на чест, заедно да се бориме, за да заедно победиме. Никогаш, ама баш никогаш не ме интересирала власт, моќ и функции, ме интересира да си ја спасиме и кренеме државата, да обезбедиме и создадеме иднина. Да го стопираме слободниот пад. Доаѓа ново време, доаѓа време на промени. Македонија е посилна од поразите.