Нема никаков основ за интерпелација на претседателот на Собранието Африм Гаши, смета премиерот Христијан Мицкоски. Во одговорот на новинарското прашање за утрешната интерпелација на Гаши, Мицкоски е децедиден дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи таква интерпелација.
– Апсолутно, нашиот став е јасен како ВМРО-ДПМНЕ и како пратеничка група на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека имаат голем број аргументи, зошто не ја поддржуваат интерпелацијата за претседателот на Собранието, Гаши.
– Затоа што разликата на водењето на Македонија меѓу оваа Влада и онаа Влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна, односно тоа веќе и се чувствува и насекаде можете низ Македонија да забележите дека надежта кај граѓаните е дека конечно ќе успееме, дека доста се порази и дека конечно ќе почнеме да победуваме, изјави Мицкоски, кој присуствуваше на првиот училишен ден во ООУ „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Општина Гази Баба.
Фото: МИА