Изградбата на новиот клинички центар треба да биде за стотина до сто и педесет милиони евра поевтин од тој којшто претходно го промовираше претходната влада, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање на настан во Скопје. Тој напомена дека во меѓувреме, актуелниот Клинички центар ќе се реновира и реконструира, во рамките и можностите на Фондот и на ресорното Министерство.

– Има неколку можности. Ќе ве потсетам, во 2017 со доаѓањето на владата на СДСМ-ДУИ, постоеше договор за изградба на Клиничкиот центар што беше прекинат и во моментот сме на арбитража и веројатно ќе плаќаме пенали за тоа. За жал, тие што го прекинаа договорот, поради законите такви какви што се, не може да сносат одговорност, а  би требале, бидејќи тие пари ги плаќаат граѓаните, рече Мицкоски по присуството на пуштање во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје.

Тој потсети дека првичнита идеја било да се прави во Злокуќани, па откако и таа идеја пропадна, се резервираше едно плато во општина Ѓорче Петров, но како што нагласи, и тоа пропадна.

– Се зборуваше за касарната Илинден и имаше многу идеи, но резултатот од сите нив е немаме клинички центар којшто досега требаше да биде готов. Најверојатно, да не шпекулирам во јавноста, да не влијае тоа во процесот на арбитража, но ќе треба граѓаните преку буџетот да плаќаат оштета, бидејќи некој министер и некој тогашен премиер се однесувале неодговорно, рече премиерот.

Тој појасни дека ова прашање се разгледува и да се види колку ќе чини и врз основа на проектот што е замислен, капицитетот на легла и каков тип на опрема ќе биде вградена, но како што нагласи, ќе биде барем за стотина до сто и педесет милиони евра поевтин од тој којшто претходно го промовираше претходната влада.

Премеирот Мицкоски потсети дека вложувањата во здравството се опфатени со рамката што е договорена со Обединетото Кралство.

-Допрва ќе се кристализираат деталите: завршување на клиничката болница во Штип што е прекината од претходната влада на СДСМ-ДУИ, потоа, нова зграда за Медицинскиот факултет заедно со студентски дом со 200 легла коишто никогаш не беа изградени. Реконструкција на клиничката болница во Тетово. Потоа завршување и изградба на болница со проширена дејност и здравствен дом во Кичево, нешто што на претходната влада во која беа СДСМ и ДУИ не им паѓаше на памет, рече Мицкоски.