Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Скопје потпиша Договор за предизборна коалиција за „За Обнова на Македонија“ со 15 помали политички партии.
Параф на Договорот покрај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ставија и претседателите и претставници на Социјалистичка партија на Македонија, ГРОМ, Демократско национално единство на Турците, Демократска партија на Србите, Демократска партија на Ромите, Демократски сили на Ромите, МААК, Нова либерална партија, Партија на Власите, ПОДЕМ, Роми обединети за Македонија, Работничко-земјоделска партија на Македонија, Српска напредна странка, Странка на демократска акција на Македонија и со Титови леви сили. На докуметот се потпишаа и тројца поединци поддржани од избирачи.
По потпишувањето на Договорот, Мицкоски истакна дека ова е најбројната победничка коалиција која ќе настапи на предвремените парламентарни избори на 12 април и ќе ја формира идната влада.
-Ние се обединуваме околу заедничка платформа, вредности и принципи во кои веруваме. Затоа што самото име на Коалицијата кажува дека она што во овој момент и е најнеопходно на нашата татковина е токму обновата. Обновата не е само слоган или пак политичка фраза, туку суштина и вредност која мораме да ја исполниме затоа што тоа е насушна потреба на држава која е западната во тешка криза, разурнати вредности, и сериозно разнишани институции. Како Коалиција имаме одговорност пред нас самите да работиме напорно за постигнување на резултати кои ќе донесат подобра иднина и поголема сигурност за сите во државата, но пред се имаме одговорност кон граѓаните кои во нас гледаат надеж за подобри времиња, рече Мицкоски.
Тој како политичар и Коалицијата за обнова на Македонија, рече, мора да покажат дека може подобро и мора поинаку.
-Одбивам партиски да се пресметувам, да говорам само за проблеми, затоа што во исто време ќе критикувам, но и ќе нудам решенија. Со зборови нема да кажувам колку сме различни од власта и СДСМ, туку со дела ќе ја направиме разликата од кои најголема корист ќе имаат токму граѓаните. Токму затоа сите реформи, сите заложби, принципи и вредности околу кои се обединуваме можеме да ги обединиме под името на еден значаен проект кој се нарекува обнова на Македонија, нагласи Мицкоски.
Како коалиција ветија макотрпна работа која , рече, ќе донесе повеќе резултати за секого меѓу кои: зголемени плати за 25 проценти, рамен данок од 8 отсто, зголемени пензии за 20 отсто, странски и домашни инвестиции од најмалку четири милијарди евра, гасификација на земјата и бесплатен приклучок за гас на секое семејство, изградба на мрежа од четири клинички центри во земјава, нулта толеранција кон корупцијата, реконструкција на сите регионални патишта во државава или најмалку 1000 километри патишта со нов асфалт и ново автопатско поврзување на Велес, Прилеп со Битола, изградба на нови експресни и брзи патишта.
Иако во периодот пред изборите е време кога се ветува се и сешто, секој од граѓаните, посочи тој, треба да се запраша кому би му ја довериле довербата, а нивната доверба е најтешката обврска која може еден човек да ја прифати, затоа што таа е одговорност која мора потоа и да се исполни.
-Идната победничка Коалиција значи обединување околу идеја, цел и кауза каде врвниот интерес е иднината на Македонија. Ова е најбројната Коалиција околу која се обединуваат Македонците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, Коалиција на работниците, средната класа, на земјоделците, стопанството, невработените, сиромашните, на оние кои сакаат промени. А воедно во име на таа обнова ги повикувам и останатите граѓани, Албанците, Египќаните и сите останати да поддржат обнова која ќе значи подобар живот, повеќе за секого, повеќе пари, повеќе економија, повеќе иднина, повеќе инвестиции, повеќе решени проблеми, повеќе остварени ветувања, истакна Мицкоски.
Ова е, рече, блокот за обнова кој ќе испрати во пензија политичари кои го разочараа народот и ќе донесе повеќе за секого.
-Денес и официјално со Коалицијата за Обнова, која е коалиција на обичниот народ кој сака промени, го започнуваме финалето на една битка за подобар живот во кој секој глас е важен. Победата е извесна, а она што доаѓа по неа се вистинските промени кон подобро кои ќе донесат повеќе за секого. Вистински бум од работа, вистински бум резултати кои ќе донесат европска иднина тука во нашите домови, рече Мицкоски.
Слоганот и програмата на Коалицијата за претстојните избори, како што беше истакнато, ќе бидат објавени во наредните денови.