Ова се избори во кои криминалот и корупцијата ќе се спротистават на законите. Одлучуваме каква ќе биде нашата Македонија за година дена. Убеден сум во оној пиреј кој што се буди во секој еден граѓанин, односно во онаа решителност и храброст и одлучност да се спротистави на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната средба со граѓани на Богданци.
-Нема да зборувам за сето она што се случи во изминатите три години, бидејќи секој од вас тоа го почувствувал на себе, секој е посиромашен, секој од вас се чувствува понижен, засрамен. Веќе 18 години СДСМ нема победено на парламентарни избори така ќе биде и на овие, рече Мицкоски.
Ако коалицијата СДСМ Беса добие можност да направи влада, нагласи, ќе следи федерализација и конечно уништување на Македонија.
-Сетете се колку пати овој човек не измамил, не ја кажал вистината, така и овој пат. Секој оној кој што ќе излезе на 15 јули и кој што ќе заокружи за Зоран Заев треба да е свесен дека овој пат заокружува за конечно уништување на Македонија. Јас сум сигурен дека тоа нема да се случи, тоа се чувствува, народот овој пат е одлучен да излезе уште рано наутро и на 15 јули да го заокружи бројот 14, рече Мицкоски.
Тој порача дека со обнова доаѓа време на политичари кои работат заедно со народот и интересите на народот.
-Составивме читанка од 360 страни наречена Проект „Обнова“. Таму има повеќе за секого. Таму ќе најдете како во еден мандат да ја зголемите просечната плата за 25 отсто, како за 20 отсто да ги зголемиме пензиите и да го вратиме старото законско решение кога пензиите два пати годишно растеа, како до четири милијарди евра домашни и странски инвестиции и уште многу други проекти за подобар живот на сите граѓани во Република Македонија, додаде Мицкоски.
Носителот на листа во ИЕ 4 Александар Николоски потенцираше дека народот се чувствува национално понижен и економски истоштен. Затоа, додаде, младите и цели семејства размислуваат да се иселуваат од државата поради лошата економска состојба и ги повика граѓаните на 15 јули масовно да излезат на гласање за заедно да ги донесат промените и да стават крај на, како што рече, бандитите кои сега владеат.
-Три години странски инвестиции немаат дојдено во Македонија, а оние кои што планирале да инвестираат ги промениле своите одлуки, бидејќи не сакаат да инвестираат во држава во која што евро оди за Вицето, евро оди за црквата, а и домашните инвеститори се плашат да инвестираат. Тоа ќе го промениме уште во првите шест месеци. Одговорност ќе има за сите кои што се огрешиле пред законот како испитување на потеклото на капитал на сите кои се занимавале со јавен живот овие 30 години, да видиме кој работел чесно да знаат граѓаните, а секој кој што не работел чесно да му се оданочи на имотот со 70 проценти и кривично да си одговара, рече Николоски.
Порача дека се обврзуваат на формирање фонд од 200 милиони евра за основање на мали и средни претпријатија за откуп на земјоделските производи, 80 милиони евра за наводнување во четиригодишниот мандат, гасификација и многу други концепти.