Ова не се обични избори, тие се различни по неколку основи и различни се по тоа што се случуваат можеби во услови кога владее оваа пандемија предизвикана од Ковид-19 вирусот и самото тоа ги прави поразлични од сите избори во минатото. Реалноста во која сега живеат граѓаните е тешка, мачна, а ова политичко мочуриште изобилува со многу неправда и понижување. Затоа овие избори не се обични, во овие избори граѓаните избираат во каква Македонија сакаат да живеат, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓани во Дојран.
Тој најави дека со обновата доаѓаат проекти кои ќе го сменат животот на граѓаните и ќе го подобрат.
-Ова е тој момент, ова е таа крстосница во која што ние треба да го избереме вистинскиот пат. Дали ќе зборуваме за политичари кои се присутни на политичката сцена уште во времето на транзицијата, истрошени, потрошени кои што буквално немаат што да понудат. Или политичари кои имаат визија, стратегија, план како да се справат со предизвиците кои што ни се испречени на патот. Дали ќе зборуваме за држава во која што срамот, понижувањето и предавствата ќе царуваат, или држава каде што гордоста, чесноста и честитоста ќе бидат основна вредност. Држава во која што ќе гледаме луѓе кои што партнери и коалиција со криминалците и корупцијата, или држава каде што ќе имаме бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Држава каде што неправдата и свитканата кичма ќе бидат наше секојдневие или држава во која што правдината и исправената глава ќе бидат наша реалност, нагласи Мицкоски.
Потенцира дека е убеден уште од првиот собир дека кај секој граѓанин полека се буди и се обединуваат околу обновата која, како што рече, ќе победи на 15 јули.
-Матрицата на СДСМ започнува со предизборна измама и претпоставувам ќе дојдат овде ќе ви кажат десетина лаги. Отприлика тоа е првиот чекор од таа нивна матрица лага предизборна. Доколку им пројде таа лага и добијат каква таква поддршка од граѓаните тогаш следи вториот чекор. А, вториот чекор е национално предавство и срам. Потоа следи третиот чекор пљачка, криминал и корупција. И сосема на крај откако ќе го заробат обвинителството и судството тоа истото ќе им служи за пресметка со политичките противници и од друга страна ќе им служи да се амнестираат за минатите неправди од претходните влади, појасни Мицкоски.
Заев, додаде, за да дојде на власт како влог ја става Македонија, говори за нејзина федерализација.
-Јас ви ветувам дека никој повеќе после 15 јули нема да владее со овој народ, туку ќе работи заедно со народот и во интерес на народот. Доста беше од политичари или министри кои што одлучуваат во канцеларии. Нас ни се потребни современи европски, народни политичари кои заедно со народот ќе ги креираат проектите за иднината на сопствената земја. Нема повеќе шефови на партии, туку има политичари кои заедно со народот ќе работат во интерес на народот, потенцира Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со граѓаните од Дојран на која присуствуваше и носителот на изборната листа во ИЕ 4 Александар Николоски, рече и дека „по 15 јули кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт доаѓа и правдата, а во име на правдата сите кои се огрешиле пред законот ќе одговараат“.