Поддршката од 70 милиони евра што на годишно ниво државата подеднакво им ја даваше како на странските, така и на домашните приватни компании, нема да изостане ни наредниот период, најави носителот на кандидатската листа за пратеници на коалицијата „Можеме“ во ИЕ 4 и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на денешната средба со прилепските стопанственици во Регионалната канцеларија на Стопанската комора во Прилеп.

Тој нагласи дека 92 отсто од економскиот раст на државата, доаѓа од приватните инвестиции и ги спомена мерките кои ги презеде Владата од почетокот на здравствената криза со КОВИД-19 за директна помош на стопанските субјекти, коишто, како што рече, придонесоа за зачување на голем број работни места.

-Со навремени мерки спасивме илјадници работни места, рече Заев на средбата на која го презентираше економскиот дел од изборната програма на СДСМ, со посебен акцент на четвртиот пакет мерки.

Во обраќањето пред прилепските стопанственици Заев ги претстави и реформите што, како што рече, новата Влада предводена од СДСМ ќе ги спроведе во делот на судството и јавната администрација. Ги повика да ја искористат можноста и да аплицираат на пазарот од четири милијарди евра годишно, што се отвори со нашето членство во НАТО.

-Доаѓа убав период за бизнисот, НАТО е сериозен потенцијал за домашните фирми, апелирам до вас да се сертифицирате, со цел да земете дел од големиот финансиски колач, им порача Заев на прилепските стопанственици.

На средбата присуствуваа и кандидатите за пратеници од ИЕ 4 Миле Талевски и Александар Ѓорѓиоски, како и со градоначалникот Илија Јованоски.