Денеска во организација на Унијата на жени сме во Штип да го одбележиме денот на жената 8 Март, на мајката, на сестрата на колешката, на пријателката итн. Со овој протестен марш практично протестираме за сите оние жени кои што се дискриминирани, но и воопшто за луѓето кои што се дискриминирани во Македонија, бидејќи тешко се живее, повеќе од половина милион луѓе кои живеат со помалку од 150 денари на ден, рафтовите на продавниците се празни, инфлацијата е голема, стандардот е се понизок, и луѓето практично ден за ден едвај крај со крај врзуваат, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Тешко се живее со оваа криминална и корумпирана влада, нормално администрирана со Ковачевски. Така што мислам дека ова е одличен момент да покажеме дека сме посилни од сите предрасуди и дека само обединети и заедно без вештачки наметнати поделби од владата можеме да ги поразиме сите предрасуди и обединети на крај да победиме. А јас сум убеден и во жената, но убеден сум и во народот на Македонијa дека заеднички ќе победи и заеднички ќе ги совлада сите предизвици – порача Мицкоски.

Што се однесува до последните потези на власта, пред се околу пензионерите, Мицкоски денеска истакна:

-Тоа што им го украдоа на пензионерите и за кое што зборувавме уште пред три години, се обидуваат сега да го санираат, претставувајќи го како некој иновативен „швајцарски модел“, а тоа е практично Законот од пред 2018 година, кој што го укинаа, кога донесоа закон со кој им ги намали пензиите на пензионерите, и сега се обидуваат со некакви трикови да претставуваат швајцарски модел, во кој нема ништо швајцарско, можеби само ако останало нешто од скијањето оваа зима на раководството на СДСМ да ги потсетува на Швајцарија. Инаку суштината е дека ова е тоа што пред да го смени Мила Царовска и Зоран Заев на 21 декември 2018 година важеше – кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за медиумите на прашање во однос на таканаречениот швајцарски модел за зголемување на пензиите кој го најавува СДСМ.

Тој дополни дека ВМРО-ДПМНЕ и тогаш зборуваше колкав е грабежот и за колку се оштетени пензионерите со тој закон на власта кој го донеле, и сега зборува.

Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ во собранието поднело вистинска мерка за покачување на стандардот на пензионерите и пензиите, но за жал од оваа криминална власт тоа не беше прифатено, за сега преку некој трикови да се обидуваат да претстават некаков Швајцарски модел, кој што нема ништо Швајцарско во него, единствено ќе продолжат да врват тендерите и криминалот ќе тече.