Рускиот претседател Владимир Путин и нареди на владата да состави и во рок од два дена да достави список на земји кои воведоа санкции кон Руската Федерација. Ова важи и за компании, организации и поединци, според указот на шефот на државата.

– Владата на Руската Федерација во рок од два дена да направи список на странски земји кои вршат непријателски дејствија против Руската Федерација, руските правни и физички лица, се вели во соопштението.

Со овој указ, претседателот воспостави привремена постапка за плаќање на странски кредитори поврзани со земјите кои воведоа санкции кон Руската Федерација.

Меѓу земјите кои воведоа санкции е и Македонија. Во текот на минативе денови објавивме реакции на фирми и институции во врска со санкциите. Да се потсетиме на некои од нив:

Македонската влада се приклучи на санкциите од ЕУ кон Русија

Македонија се приклучи кон санкциите што вклучуваат повеќе мерки – од забрана за користење на воздушниот простор за руските авиони до серија економски санкции. Владата веднаш по започнувањето на руската инвазија реши земјата да се придружи кон новиот пакет рестриктивни мерки на ЕУ.

– Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата, информираа од Владата.

Македонско-руска стопанска комора: Извозот кон Русија е мал, но штетите ќе бидат големи

Од Македонско-руската стопанска комора посочија дека главната грижа е оти македонски производи, особено раноградинарските, за кои сезоната допрва почнува, ќе почувствуваат посилни ефекти. Тука ги вбројуваат и македонското вино, производите од преработувачката индустрија, но и фармацевтските производи. Предупредуваат дека сме и целосно зависни од рускиот гас.

Макпетрол: Обезбедивме гас од Газпром, нема да има пречки

Сепак, домашните увозници на гас, пак, сметаат дека нема да се соочат со особен проблеми во набавка на енергентите Домашната компанија „Макпетрол“, која увезува природен гас од Русија, смета дека санкциите кон руската компанија „Газпром“ нема да влијаат врз снабдувањето со овој енергент, кој инаку го користат околу 60 фирми и институции, затоа што тие веќе ги обезбедиле количините гас.

– Нема никакви пречки во снабдувањето со природен гас. За сите наши потрошувачи, односно компании со кои имаме долгогодишна соработка, снабдувањето со гас се одвива непречено бидејќи уште минатата година ги обезбедивме потребните количини, велат од „Макпетрол.

Од Македонско-руската стопанска комора стравуваат од контрасанкции од Руската Федерација

Искрено, во моментов нема многу простор за оптимизам дека дел од извозните гранки ќе бидат поштедени, сепак, останува да почекаме на таа одлука, рече Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

Од Министерството за економија не се загрижени од можни пошироки санкции кон Русија. Велат дека во рударскиот сектор нема руски фирми.

– Според податоците на Министерството за економија, во Северна Македонија нема директни инвестиции што доаѓаат од Руската Федерација во секторот рударство. Имено, има рудници за експлоатација на металични минерални суровини во кои има ангажирано лица кои се државјани на Руската Федерација, но основачкиот капитал на компанијата не е од Русија, велат од Министерството.

Сепак, обработените податоци од домашните и меѓународни бизнис регистри посочуваат дека најголемите рударски капацитети се основани со руски капитал распореден во неколку офшор дестинации каде што крајни сопстствениците се руски граѓани и компании.