Нема повлекување, нема предавање…Оваа земја може подобро, доаѓа време кога државата врти нов лист, испишуваме нова историја на генерација решена да победи. Вистинскиот избор не е само лозинка, туку вистина за секој човек што работи, создава и верува дека оваа земја може и мора подобро…Од Охрид до Штип се слуша гласот на луѓето што не чекаат некој да им ја донесе среќата туку сами ја создаваат…Ова не е крај на кампањата, туку потврда на нашата определба да ја чуваме земјата, да ја исправиме, да и го вратиме одземеното достоинство. Тоа вечерва го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред присутните на завршниот предизборен митинг одржан во Охрид.
Тој ја искористи можноста пред симпатизерите и партиските членови да посочи дека се она што се работи во земјата е основа за она што ќе се гради наредните десет години, „промена на системот и состојбата на умот, една револуција на мислата, излегување надвор од бурето барут…ресет на системот без партиска или било каква поделба“
Мицкоски од Охрид најави области на кои ќе се фокусира работата на Владата наредниот период и тоа преку длабока реформа во судството и обвинителството како институции, како што рече „тесно поврзани со неправдите и заштитата на криминалот и ресет на системот без поделби и влијанија“.
Втора област на која особено ќе се работи е економијата и заштитата на животниот стандард, најавувајќи нова инвестиција од 150 милиони долари за која рече дека ќе донесе илјада нови вработувања во Македонија.
– Во завршни преговори сме со американско-британска компанија која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари…Очекуваме во воената наменска индустрија инвестициите да достигнат повеќе од милијарда долари, рече Мицкоски.
Партискиот лидер ги повика гласачите в недела да им одржат лекција на СДСМ и Венко Филипче, нарекувајќи ги „подизведувачи на криминалот на Али Ахмети“.
За наводната „средена држава“ за која зборува опозицијата Мицкоски рече дека да имало средена држава, народот ќе ги наградеше и тие ќе беа власт, а не длабока опозиција и партија во клиничка смрт, во која важно е што еден најмногу го сака, Зоран Заев кој им беше главниот гуру во кампањата и им се појави и на митинг во Струмица.
– Таквата одлепеност од реалноста говори дека и СДСМ и претседателот на СДСМ не извлекле поука од времето кога владееја со државата, дека народот ги казни поради сиромаштијата, двоцифрената инфлација, поради тоа што 600 илјади наши сограѓани живееја со само 150 денари на ден. Поради тоа што тендерите и криминалот станаа заштитно лице на СДСМ и поради пазарџиската политика со државните интереси, предавствата и поигрувањето со најсуштинските теми за состојбата на оваа држава, истакна Мицкоски.
Затоа, рече Мицкоски, важно е на овие избори да се излезе во што поголем број за сите овие политичари да добијат сериозна лекција уште во првиот круг.
– Затоа што ако не добијат, врел шамар и нокаут на изборите, тие ќе мислат во иднина дека ова може да им помине. Тие ќе мислат дека оставиле пристојна држава и дека неработењето и криминалот може да се наградат. Затоа е важно да се излезе и гласа во што поголем број, достоинствено и масовно, затоа што лекцијата значи нокаут уште во првата рунда од изборите. Затоа е важен секој глас, а работата да ја завршиме уште во првиот круг, порача Мицкоски од завршниот митинг во Охрид.
Тој ги повика охриѓани масовно да го поддржат Пецаков и Советничката лицат на колацијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да го наградат актуелниот градоначалник како голем потврден вреден, чесен работник, охриѓанец подготвен да се бори за проект повеќе за Охрид.
Човек кој направи многу, не ве разочара изминатите четири години. Уверен сум дека и во наредните четири години ќе направи уште многу проекти за Охрид, затоа што ја има мојата целосна поддршка, рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните да не го трошат залудно давајќи го својот глас на помали партии и политички егзибиционисти, туку за оној кој вистински може да го промени системот.
– Гласајте за ваш човек во општината, направете го вистинскиот избор. Тоа е да изборот да се избере вистината и кога лагата е попријатна, да се избере работи и кога ветувањето изгледа полесно, да се избере достоинството пред гордоста, одговорноста пред изговорот, за иднината на Македонија што сакаме да ја видиме исправена и горда…Да избереме со разум и срце, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од митингот во Охрид.
МИА
Фото: МИА