Уште еднаш ја користам оваа прилика да го повторам нашиот став дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од користење на средствата кои се предвидени за политичките партии а кои што понатаму би се користеле за водење на кампања која што би значела за, против или бојкот на претстојното референдумско изјаснување. ВМРО-ДПМНЕ како што гледате е меѓу народот, ВМРО-ДПМНЕ е со народот. Од 10 септември и официјално започнува самиот старт на кампањата, го промовираме таканаречениот нов политички волонтеризам со голем број на волонтери ширум Македонија ќе се обидеме на граѓаните, без да ги трошиме нивните со мака стекнати пари да можеме да им објасниме на граѓаните за штетните последици од овој капитулантски договор кој што го потпиша владата на СДСМ и Зоран Заев, но, истовремено да се обидеме да го зачуваме достоинството на македонскиот народ и македонската држава, порача денеска Мицкоски од Пробиштип.
Ја користам оваа прилика да апелирам и до владата средствата да ги пренамени за реконструкција и изградба на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Но, истовремено еве да упатам апел до колегите од другите политички партии да не ги користат средствата коишто се предвидени, и истите да ги пренаменат за други цели коишто ќе бидат неопходни за решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Еве апелирам и до пратеничката група на СДСМ и до останатите политички партии коишто се дел од владината коалиција да ги пренаменат средствата, наместо да ги користат во ваква стерилна кампања во која што ќе се обидат лагата да ја претстават како вистина, капитулацијата како победа. Еве да допринесат во тоа да се санираат штетните политики на владата во земјоделието. Еве на пример гледаме дека е пред ескалација проблемот со лозарите, да можат таму да се пренаменат средствата да може маката на лозарите колку толку да биде санирана, истакна Мицкоски.