Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска по повод Божиќната средба се обрати пред голем број на граѓани, членови и симпатизери на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Радовиш, објави партискиот сајт.
Мицкоски пред присутните истакна дека СДСМ пред две години ветувале живот за сите граѓани на Република Македонија, но после две години од нивните ветувања донеле само црнила, односно како што рече тој самите граѓани се сведоци на голем број на злоупотреби, уцени, насилства, лаги и измами од владата на СДСМ и Заев.
Пред нешто повеќе од две години шетаа по плоштадите, улиците, одеа од куќа во куќа, од двор во двор, од стан во стан, од маало во маало и ветуваа дека живот ќе донеле. Не само што не донесоа живот, туку пекол владее секаде низ Република Македонија. Прашајте од младо до старо, од машко до женско о д баба до дедо, од внук, внука, маж жена, секаде можете да слушнете сведоштва на злоупотреби, криминал, лаги и измами.Тоа што денеска се случува во Република Македонија браќа и сестри, ни најмалку не наликува на она што го ветуваа за време на предвремените парламентарни избори во 2016, а уште помалку за време на локалните избори во 2017 година, вели претседателот Мицкоски.
Според Мицкоски, единствената цел на владата на СДСМ и Зоран Заев за овие две години била да омаловажување на македонскиот народ, како и распродажба на националните и државните интереси. Тој додаде дека и покрај обидите на скапо платените механизми да прикажат некој успех во актуелната влада, граѓаните препознавале само предавство, потенцирајќи дека предавството е единствен атрибут за спас нивните политички кариери.
Единствена цел, овие речиси две години беше омаловажување, понижување и распродажба на македонските национални интереси. Освен материјалното, можете да го препознаете и предавството. Предавството е основен атрибут за спасот на нивните политички кариери, изјави Мицкоски.