СИЛЈАНОВСКА: Далеку од умот е дека над еден милион граѓани на 8 септември 1991 година гласале за Северна Македонија

/ 08.01.2019

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, Гордана Силјановска Давкова, како гостин во емисијата Отворено со Искра Коровешовска на Алфа ТВ заедно со проф. Гоце Цветановски, нагласи дека оние пратеници кои утре ќе кренат раце да гласаат за уставните промени ја фалсификуваат историјата и дека тоа не е само неморален чин, туку и вршење на низа кривични дела.

Таа ги нагласи последиците кои ќе произлезат од спроведувањето на Преспанскиот договор.

„Далеку од умот е дека на 8 септември повеќе од милион луѓе гласале за Северна Македонија, тоа го пишува во Преамбулата. Постои огромна контрадикција меѓу Преамбулата и членот 36, бидејќи во Преамбулата исто така се почнува со историската меморија, а меморијата е душата на Уставот. “, вели таа.

Професорката изјави дека поради три провинции во Грција кои се појавиле за прв пат на географската карта во 1987 година како региони, не како територијални единици, сега можат како сакаат и кога сакаат да го користат називот Македонија. А ние кои барем 74 години живееме во Република Македонија, повикувајќи се на правото на самоопределување мораме да внимаваме дека придавката „Македонија“ не смееме да ја користиме ни пред државните институции, кога во придавката е суштината.


Од истата категорија