Четири години нема ниту една нова инвестиција во Штип, на времето се градеа универзитети, фабрики и патишта, а сега актуелната власт не може тоа ниту да го зачува а не пак да изгради нешто ново, порача во петокот од Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Најпрво ќе ми дозволите од името на ВМРО-ДПМНЕ на сите македонски граѓани да им го честитам денешниот ден, да им го честитам празникот кој што ја симболизира Македонската револуционерна борба. Практично ден со кој што сите македонски граѓани се горди бидејќи на овој ден е создадена организацијата која што понатаму се борела за независна современа македонска држава. А неминовен дел и нераскинлива алка на 23 Октомври е практично Штип и можеби би рекол еден од основните и фундаменталните алки кои што се некако историски поврзани со Македонската револуционерна организација и денеска сме овде во Штип, ако започнавме со оној собир пред собранието каде што рефлектиравме одредени позиции за актуелни теми на ВМРО-ДПМНЕ, за актуелни теми кои што се реалност за граѓаните“, изјави Мицкоски.

Притоа, опозицискиот лидер рече дека од Штип, каде што наскоро ќе се одржат предвремени избори за градоначалник, сака да упати уште неколку пораки, за кои исто така смета дека се важни за граѓаните.

„Патувајќи наваму од соработниците дознав дека ниту еден претставник од владата од високото раководство на СДСМ којшто е платен од парите на граѓаните денеска не одвои неколку минути да положи цвеќе на спомениците кои што ги рефлектираат позициите на јунаците, дејците, на апостолите кои што животот го дадоа за македонскиот народ, за граѓаните на Македонија, за современата македонска држава. И тоа е за секаква осуда и јас навистина жалам што после едни такви наместени талибански украдени избори денеска ова раководство себеси си се нарекува влада во Македонија“, критикуваше Мицкоски.

Зборувајќи конкретно за ситуацијата во Штип, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека градот порано важел за средина во којашто се остваруваат успешни проекти, како што се отворање нови фабрики и универзитет.

„Луѓето беа среќни и задоволни од секојдневието. Но, за жал, денес ние не можеме веќе четири години да се пофалиме, дури не можеме ни да го одвоиме тоа што на времето беше изградено за Штип, да го зачуваме и тоа да го надградиме, а камо ли да зборуваме за нешто што е ново изградено, некој нов пат некоја нова улица, некоја нова фабрика. Напротив, гледаме како фабриките се затвараат, луѓето се разочарани а за жал се помалку има студенти, се помалку има штипјани во Штип. Својот леб, лебот за сопственото семејство го бараат надвор од Штип, надвор од Македонија“, посочи Мицкоски.

Истакна и дека ВМРО-ДПМНЕ во Штип победила на изминатите избори, победи и на претседателските избори и на првиот и на вториот круг, а така, како што порача Мицкоски, ќе биде и следните предвремени градоначалнички избори во Штип.

„Кандидатот што ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ, очекуваме поддршка од сите штипјани, практично од сите оние кои што денеска се незадоволни од изминативе три години раководење на актуелниот министер за транспорт и врски, а поранешен за среќа на штипјани градоначалник …. Да престанат олигарси, да престанат бизнис семејни интереси во Штип, да престанат бизнис семејни транзициони интереси низ Македонија рефлектирани низ семејствата кои што во Штип изминатиов период практично пустошат а штипјани се тие коишто се незадоволни од таквиот начин на однесување“ додаде Мицкоски.

Истакна дека поради актуелната незавидна состојба во градот ВМРО-ДПМНЕ на следните предвремени градоначалнички избори очекува масовна поддршка од штипјани.

„Тоа ќе значи нов ветар, нова енергија која што ќе ја навести и победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните локални избори кои што ќе се случат за помалку од една година од денес. Штип во минатото секогаш бил предвесник на промените, така ќе биде и овој пат. Во Штип на следните градоначалнички избори се брани Македонија, тоа не се обични избори и затоа ги повикувам штипјани да излезат и заедно во првите редови да ја одбраниме Македонија од ова денешно секојдневие кое што и се случува, секојдневие на пљачка, криминал, корупција, понижувања и омаловажувања. Да победат проектите, да победи новата иднина, вистинската иднина, и за Штип и за Македонија“, истакна Мицкоски.