Македонија и Косово имаат одлични билатерални односи и добра трговска размена, а одржувањето на првата меѓувладина седница ќе биде дополнителен импулс за натамошен развој  и интензивирање на меѓусебните односи, оценија премиерите на двете земји Зоран Заев и Авдулах Хоти на заедничка прес-конференција во Скопје.

По тет-а-тет средбата во Владата, двајцата премиери на прес-конференцијата изразија надеж дека наскоро ќе се одржи меѓувладината седница на која ќе се разгледаат и потпишат договори меѓу двете држави.

-Нашата географска блискост дополнително ќе ја приближи изградбата на автопатот Скопје – косовска граница. Овој автопат е од посебно стратешко значење не само за нашите земји, туку и за целиот наш регион. Доказ за нашите искрени заложби за унапредување на соработката и овозможување  слободен проток на лица и стоки е и големиот чекор што беше направен со отворањето на граничните премини Белановце – Станчиќ, рече Заев на прес-конференцијата.

Истакна дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и дека трговската размена се одвива слободно без царини согласно ЦЕФТА-Договорот и Договорот за економска соработка помеѓу двете земји.

– Северна Македонија е една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Имено, и во вакви вонредни услови наметнати од КОВИД -19, вкупната трговска размена заклучно со  август оваа година е близу 170 милиони евра, посочи Заев.

Македонскиот премиер го поздрави и Договорот за нормализирање  на економските односи меѓу Косово и  Србија кој беше постигнат во Вашингтон и посочи дека македонската Влада дава поддршка за заемно прифатливо решение кое ќе  го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион.

-Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но секогаш први  притекнуваат на помош.  Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи и во засилената регионална соработка која  ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот без разлика на отворените политички прашања. Следниот петок ќе имам состанок со претседателот Вучиќ и премиерот Рама каде што една од точките ќе биде токму таа со намера да испратиме и заедничка покана. Ова секако пред се е од интерес на нашите граѓани првенствено за имплементација на четирите слободи на ЕУ во Западниот Балкан, слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, а што ќе овозможи и побрза интеграција и усогласување со ЕУ. Токму заедничкиот ангажман кој произлегува од самиот регион ќе претставува силна додадена вредност за нашите европски перспективи и за веќе постојните иницијативи кои се во таа функција – Берлинскиот процес и Регионалниот совет за соработка, истакна Заев.

Косовскиот премиер Хоти упати честитки до Владата за, како што рече, извонредните резултати што ги постигна, посочувајќи го притоа Договорот со Грција.

-Ви честитам за постигнувањето што го направивте кон европската интеграција и во постигнувањето на регионални иницијативи за коишто ние очекуваме да се придружиме за да работиме заедно кон целосно нормализирање  на односите во регионот. Направивте еден долг 30-годишен пат како држава и ние и целиот регион научивме многу од реформите што вие ги преземавте особено во областа на економијата, истакна Хоџа.

Косовскиот премиер ги поздрави и активностите на Владата во однос на изградбата на автопатот до граничниот премин Блаце.

-Исто така, добро е од ваша страна што се разгледа можноста на физибилити студијата за автопатот Тетово – Призрен, сигурно спецификите коишто ги има регионот таму, но треба да ги имаме предвид и  нив од стопанските комори. Тие се во тесна координација со економијата  овде за интензивирање на соработката, но  и за идентификување на пречките коишто ние можеме да ги имаме помеѓу двете земји што се однесување до интензивирање на соработката во однос на економијата, истакна Хоџа.