Кубанските лекари, познати по својата хуманост, за време на актуелната пандемијата од коронавирусот им помагаат на луѓето во повеќе држави ширум светот.

По урнекот на помошта што несебично ја пружи во Италија и во Франција, Карипскиот остров е подготвен да и помогне во секое време и на Македонија, доколку е тоа потребно, вели за Канал 5 амбасадорката на Куба во земјава Каридад Јамира Кието Милиан, известува телевизијата, која единствена во Македонија ја одбележа посетата на кубанската амбасадорка во Владата на РМ и средбата со Заев. На сајтот на Владата нема ниакква информација за оваа средба.

“Куба е подготвена да соработува со било која земја во светот. Да се спротивстави не само на коронавирусот, туку и да помогне во секој случај на итност или болести. Во моментов имаме кубански доктори во 59 земји во светот, а во 37 земји од нив се борат со КОВИД . Во целост 39.000 кубански доктори служат со луѓето ширум светот за да се спротивстават на пандемијата. Секако, ние ќе бидеме подготвени да и помогнеме на Македонија и на македонскиот народ за оваа цел. ” вели амбасадорката на Куба, Милиан.

Куба има 9 лекари на 1.000 жители, најмногу на светот според Светската здравствена организација. Оваа земја има искуство со производство на вакцини, a во моментов е во трка за пронаоѓање и на сопствена вакцина против коронавиурсот.

“Истражувањето се одвива добро. Сега сме во втората фаза на истражувањето. Во првата група на беа тестирани повеќе од 2000 луѓе, со одлични резултати и без несакани ефекти. Сега сме на половна на клиничко тестирање на втората група на над 5000 кубанци. Официјално ќе биде објавена од кубанската влада и властите најверојатно до февруари – март следната година, кога кубанската вакцина ќе биде подготвена.” вели амбасадорката на Куба, Милиан.

Амбасадорката Милиан претпладнево се сретна со премиерот Зоран Заев. Како што вели, разговарале за зајакнување на економските, инвестициските и трговските односи меѓу двете земји.

Таа им порача на македоските граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот – Превенцијата и дисциплината, вели се најважни за да успее борбата против оваа зараза.