Насилничкото и шверцерско туркање на законот за јавно обвинителство ја потврдува намерата на Зоран Заев за бегство од одговорност за скандалите, криминалиите и аферите кои се врзуваат со основани сомнежи за злоупотреби и стравот на власта од пораз на изборите, изјави на прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој додаде:
„Со сила да се турка противуставен закон за јавно обвинителство на само два дена пред распуштање на парламентот, еднострано, без земање во предвид на забелешките од експертите, професорите на Правниот факултет, значи дека Заев турка закон за да си ја спаси сопствената кожа од одговорност.“
Мицкоски посочи четири примери зошто е тоа така:
Прво, Заев со Законот за јавно обвинителство со кој се сака да не важат прислушуваните разговори спроведува операција за амнестија, и тоа амнестија лично за Зоран Заев и членови на неговото семејство, амнестија за раководството на неговата партија и функционери од коалиционата влада за кои постојат сомнежи дека се силно инкриминирани во нелегални активности и амнестија конечно за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, поточно за оние кои се во негово заложништво и решија да одработуваат за негови интереси.
Второ, со новиот закон се устоличуваат егзекутори на наредбите на Заев во обвинителството, Русковска и Јовевски, кои сега се предлага да може да се сменат исклучиво со 2/3 мнозинство од Советот на јавни обвинители, во услови кога знаеме дека Советот поради партизираноста која ја направија е под директна контрола на СДСМ. Ова е типичен пример на монархистички закон. Русковска и Јовевски му требаат на Заев да продолжат да ги исполнуваат неговите наредби и за да продолжи селективната правда и амнестија на криминалот.
Трето, на секој еден правник му е совршено јасно дека станува збор за противуставен закон. Закон со кој ќе се спроведува селективна правда, односно неправда, каде прислушкуваните материјали нема да важат за Заев нему блиските соработници и слуги, но за други ќе важат.
Би сакал истовремено да потенцирам дека ако е вистина она што го кажа денеска пратеникот Груби дека се бара Бадинтер за избор на државен јавен обвинител е исто така уште еден еклатантен пример како Владата го крши Уставот. Бидејќи согласно Уставот, амандманот 30 јасно се кажува како се избира државен јавен обвинител и како се реизбира. Тука не е предвиден Бадинтер.
Четврто, Заев со овој закон покажува страв дека се плаши од разговори кои ќе го докажат неговиот криминал, и сега сака тоа да не биде користено за доказ при судска постапка.
-Паднаа маските, се потврди дека Зоран Заев се бори за амнестија бидејќи стравува од одговорност за скандалите и аферите кои се провлекуваат во јавноста, а за кои обвинителството молчи. Ова што сега го предлага е закон за амнестија на Зоран Заев, неговите соработници, функционери во неговата Влада и неговите слуги. Од првиот ден јавно кажувам дека сум за апсолутна правда, за правда која ќе важи за сите, без исклучок за кого се работи, од каде доаѓа, и за кое име станува збор. Уставот мора да важи за сите подеднакво, потенцираше Мицкоски и дополни:
„Во оваа држава не може законите да бидат за едни казна, а за други амнестија. Меѓу другите забелешки кои што ги имаме многу, за нас ВМРО-ДППМНЕ главниот проблем исто така е членот 110 од предложениот закон. Со кој се предвидува разговорите да не важат за докази, со што јасно се сака амнестија на Заев, амнестија на „Рекет 1“, „Рекет 2“, „Леонардо“ итн. Сите оние други коруптивни афери кои што беа присутни во изминатиот период но и за кои што постои основано сомневање дека ќе се појават во периодот кој што следи во јавноста. Согласно праксата на Европскиот суд за човекови права секогаш кога станува збор за разговори кои што се од јавен интерес истите треба да бидат докази во постапка.“
-Тоа е наш став. И затоа ги повикувам останатите политички партии и пратениците да имаме заеднички став и да не го гласаат овој закон. И да побараме сето она кое што е од јавен интерес да биде дел од доказната постапка. Ако т.н. бомби важат за едни, ќе важат за сите. Особено за Зоран Заев, раководството од неговата партија, функционери од неговата влада и неговите слуги. Ваквиот закон нема никаква врска со европските вредности, туку напротив има врска со стравот на Зоран Заев, и неговата желба да избега од одговорност. Излегува на чистина уште една лага на Заев, се удира во ѕид и зарибува неговата машина за лаги. Правда мора да има, и обновата на таа правда ќе биде присутна кај граѓаните, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.