Христијан МИЦКОСКИ

Може да се каже дека овие 100 дена од 4 годишниот мандат на владата се најлошите 100 дена на било која влада која досега ги имала во историјата на современа македонска држава.

100 дена на загубена иднина, загубена економија, загубени животи, загубено достоинство, атакуван идентитет, загубена правда, криминал, загубена вистина и лаги, загубена штедни влогови, упропастена банка, загубени пари, илјадници загубени работни места, загуби за земјоделците, бизнисот, загубени инвестиции.

100 дена Владата на постојани ЗАГУБИ.

Ветуваа живот а после оној предизборен инжирениг  во избори во кои што се служеа се, само не со предизборна програма уценуваа, се закануваа, поткупуваа,  менуваа закони, буквално се, само не со политичка платформа, составија влада со ветување  „Можеме повеќе, можеме подобро“, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка втор ТАТ афера тешка 200 милиони евра, поскапи електричната енергија, 1400 животи се загубија поради отсуство на стратегија и акутната неспособност во здравството.

Во Македонија се умира поради тоа што здравствениот систем е отруен од инфицирачка неспособност да се менаџира со него.

Македонија со Заев бележи загуби, загуби и само загуби.

Зоран Заев им  одзема на македонските граѓани 4 години од нивните животи, со најлошите 100 ден, од сите нас, од сите вас зависи колку ќе му дадеме прилика да губи.

Не знаат во економијата, во здравството се хаотични, во надворешната политика наместо со принципи и мудрост, постојано се коцкаат со идентитетските прашања. И многу лажат, тоа за нив е веќе секојдневие.

Само овие работи што ги набројав, нормална држава, многу поголема и поорганизирана од нашата не може да ги издржи, а не пак нашата Македонија.

Имаат многу загуби, но само дел од нив во интерес на времето ќе бидат споменати на денешната прес конференција.

Ќе започнеме од економијата. Имаме економија во рецесија.

Загубите кои оваа влада ги донесе се:

  • Пад од речиси 6 % на економијата во трите први квартали од почетокот на годината заклучно со третиот квартал, месец септември.
  • Историски најголемо задолжување на државата, за само еден квартал повеќе од 1 милијарда евра. Буџетска дупка која што на крајот на годината ќе изнесува повеќе 750 милиони евра, раст на јавниот долг за 10 процентни поени до ниво од речиси 61%.
  • Имаме поголем пад на бруто инвестициите од воениот конфликт од 2001 година. Реален пад на бруто инвестициите во три квартали од 8,8% на годишна основа.
  • Нема капитални инвестиции. Нема ниту 60% искористеност од втор ребаланс за капитални инвестиции, а од првиот буџет реализација е отприлика 45-46%. Зборувам во првите 11 месеци, до крајот на годината може да се помести за некој процент.
  • Наместо привлекување имаме нето одлив на странски инвестиции и тука сме убедливо најниски во регионот и во Европа. Ги нема ниту оние 5 странски инвестиции кои што Зоран Заев ги ветуваше при нашето последно соочување и дебата на Македонската телевизија пред изборите.
  • Повеќе од 50 илјади наши сограѓани бараат работните места, бараат работа од јануари месец заклучно со октомври или во првите 10 месеци од годината. За отприлика 5% е намален бројот на работниците во индустријата.
  • Во овие 4 години на загуби, не задолжија за 2 милијарди евра, а нема ниту еден капитален проект. Електричната енергија поскапи, а анализите на невладината Фајнанс Тинк покажуваат дека половина милион граѓани живеат со по 2 евра на ден.

 

Во здравството загубите се плаќаат со човечки животи.

  • внимавајте за 100 дена повеќе од 1400 наши сограѓани ги загубија животите поради КОВИД пандемијата и неспособното менаџирање со здравствениот систем. Недозволиво висока стапка на смртност. И точно е дека поради корона кризата секаде состојбата е лоша, но овде смртноста е извонредно висока, државава е 7ма во Светот по степенот на смртност на милион животи, а тоа е така поради неорганизираноста на здравствениот систем, неспособните Филипче и Заев.
  • Се јави голем недостиг за обучен медицински кадар. Во исто време пријавени се во заводот за вработување околу 3000 невработени здравствени работници.
  • Поради ненавремено обезбедена и несоодветна лична заштитна опрема резултираше е бројка од околу 1800-2000 заразени здравствени работници и десетина починати.
  • Социјалните мрежи станаа арена за барање на помош и донации со кои се спасуваат животи поради тоа што државното здравство е пред крах.
  • За Клинички Центар не треба да трошиме зборови, ни трага, ни глас од ветениот Клинички центар, а еве поминаа 4 години.
  • Груба и брутална лага е дека лекарите земаат 100.000 денари плата. Капитацијата на матичните лекари не е покачена иако тоа е она кое што тие го ветуваа. Тие не се помогнати ниту во Ковид пандемијата.
  • Дежурства на специјализантите не се платени, приватните специјализанти немаат ниту здравствено осигурување.

Во земјоделието состојбата е драматична.

  • Цената на тутунот е на најниско ниво во последните петнаесетина години. Килограм тутун вреди колку кутија цигари, додека Владата на Заев дозволи увоз на тутунот. Последните денови гледаме дека оризопроизводителите се буквално во агонија поради историски најниската откупна цена за оризопроизводителите.
  • Во овие сто дена лозарите го фрлаа грозјето по нивите затоа што исто беа измамени од владата.
  • Во овие сто дена немаше ниту субвенции за житните и градинарски култури, без субвенции останаа и оние со лозов и овошен насад.
  • Акумулациите, езерата се целосно испразнети. Еколошка катастрофа буквално во секој поглед. Природните и вештачките езера се на биолошкиот минимум а власта од таквото празнење прави бизнис.

 

Образованието е на колена. Експериментите во изминатите 100 дена го земаа својот данок.

  • Доцнеше стартот на учебната година. Еден месец нашите ученици не можеа да ја следат наставата. Зошто? Затоа што властите во образованието се правдаа дека го подготвувале софтверот со кој што ќе се следи образованието.
  • Наставниците не добија навремена професионална обука.
  • Денес над 10.000 ученици следат опциона настава, односно настава на телевизија и со печатени материјали и при тоа за нивниот напредок не е можна реална контрола на постигнувањата.
  • Се прекршуваат мерките за претпазливост и борба против КОВИД 19 пандемијата со тоа што не се пријавуваат и вешто се прикриваат заразени наставници и ученици.
  • Во овие 100 дена влада единствено нешто што остана во образовниот процес се оние би рекол грантови кои што ги делеше Лидија Димова за тренирање на магарињата.

Во инфраструктурата и понатаму се рекордери во неработење.

  • Закочени им се буквално сите проекти кои ги наследија сите овие четири години иако имаа целосно финасирање обезбедено од истите. Едно сокаче не изградија.
  • Гасификацијата доцни, секои избори буквално последниве четири години па и повеќе години , кога станува збор за СДСМ се ветува гасификацијата, а од гасификацијата ни трага ни глас. Еве четири години се на власт, автопатот Кичево – Охрид е закочен. Првиот дел од автопатот за Блаце, два километри веќе четврта година не успеваат ни да го започнат со градежни активности, а да не зборуваме за завршување.
  • Се фалат со експресни патишта како оној Штип – Радовиш за кој целосно ги обезбеди средствата и проектите претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а сеуште не е завршен.

Во културата со недели и месеци доцнеа платите. Додека нема ниту еден значаен проект кој го започнаа, а не пак да финишираат. Оваа година не успеаа ниту да ја доделат наградата „Св. Климент Охридски“ кое е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата и уметноста.

Скандалите не престанаа. Имаме Влада со најголем број на скандали. Земјава и понатаму во сите рангирања е на првото место во Европа по стапката на криминал и корупција. Како што кажав на почетокот од ненешната прес конференција се случи пропаѓање на Еростандард банка.  Министерката за финансии неколку месеци пред  пропаѓањето ги извлекла штедните влогови додека за жал оние штедни влогови на обичните граѓани пропаднаа. За тоа оправдување користеше мандатарот дека таа не била крпа, па затоа фино и удобно ја сместија во Одборот на директори на еден Телеком оператор.

Сомневањата и укажувањата од страна на граѓаните, но и од страна на сведоци се дека 29 струмички фирми се директно поврзани со фамилијата Заеви  и истите оствариле профит од 13 милиони евра од невраќање на кредити кои ги земале без покритие од Еуростандард банка. Додека Македонска пошта се дави во долгови, новиот директор ќе вработува 280 луѓе, а најавија и продажба на поштата.

Владата на Заев избрка канадска компанија, за да може бугарска компанија преку Кајманските острови да го купи рудникот Иловица,  што отвара сомнеж дека е дел од пакетот концесии на Заев пред Софија. Илјадници евра од Лидија Димова и агенцијата со која таа раководеше завршија во фризерница, обука на магариња и што ли уште не.

Понатаму за народот, за граѓаните, за оние компании кои што не се  на слободниот пазар имаме поскапа електична енергија,  додека пак компании блиски до семејството Заеви добиваат тендери  од универзалниот снабдувач на електрична енергија.

Се случи и аферата „ДАКА“ во првите 100 дена. Се потврдија разговорите кои што беа стекнати на нелегален начин дека се точни, и во првите сто дена контроверзниот бизнисмен анти -НАТО и анти – ЕУ направи бизнис со земјиштето во Тетово и Шик Јелак вреден 200 милиони евра за нови 2000 стана. Сметките од кои е плаќано се од Панама, додека власта за сето тоа молчи. За сите неправди во судството и „трас трас“ одлуки тргнаа да прават нов уставен судија од Кацарска, а уставните судии во услови на најсилната сиромаштија сами си ги покачија платите додека власта повторно за сето ова молчи.

Врвот на загубите, круната на загубите е ова последно ветото за ЕУ.

Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кој не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата „домат“ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Ја лажеше јавноста дека ќе има европска иднина, се откажа од Македонија, и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум да се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што се случи народ. Овој пат народот и ние заедно со него, сите заедно, оние кои беа со нас на улиците, но и оние кои не поддржуваа во своите срца успеавме да ги откажеме од намерата да се откажат и да го распродадат македонскиот идентитет. Успеавме сите заедно, народот успеа да одбрани менување на менување на историјата, откажување од нашето право на антифашистичката борба, народот одбрани ретуширање на историјата и прикажување на фашистите за ослободители. Тоа е заслуга на народот. Но и доказ секогаш кога сме обединети и кога треба, народот се обединува и се исправа пред секој предизвик.

Оваа добиена битка не значи дека засекогаш сме успеале, драги пријатели, почитувани сограѓани, ова е само првиот чекор, до крајната цел има уште многу време. Треба да се соочиме со реалноста и да кажеме дека се додека Заев е премиер идентитетот е под закана, исто како и иднината на земјата. Се додека Заев е премиер Македонија ќе губи. Европската иднина е далечна зошто има криминал, лаги и премиер со концесии. Не може да е иднина Владо Бучковски или Зоран Заев, едниот осуден за криминал, другиот амнестиран за криминал.

Овие четири години на загуби се затоа што изворот на тие загуби е на чело на државата, а тоа е Зоран Заев. Државниот врв по удирањето во ѕид не кажува која е алтернативата за земјата, еве јас ќе ви ја кажам. Треба Зоран Заев да падне, за да Македонија стане. Колку побргу сфатиме дека не смееме да дозволиме овој човек со кој само државата губи да биде на чело на Владата толку побргу ќе ја остраниме заканата за иднината. Имаше четири години,четири години му подаривме од нашите животи,  да не дозволиме уште четири  да се коцка со нашите животи, а на крај за жал да загубиме се. Овој народ чека, чека и чека 30 години подобри времиња, а заглави со ужасот Заев. Затоа ние денеска му порачуваме. Доста беше. Доста беше загуби.

По толку силни загуби, економија во рецесија, покачена цена на електична енергија, идентитет кој се тргува, пропадната банка, 1400 загубени животи поради корона и неспособно здравство за само 100 дена, вето за Европската Унија. Владата го изгуби целиот кредибилитет,затоа мора Заев да си замине за да Македонија почне да оди напред. И најголемите скептици знаат дека вака повеќе не оди. Ги потрошија сите адути, сите ветувања, а работите не се подобри,  државата за жал ја има се помалку. Подеднаква одговорност за се ова што се случува имаат парламентарните партии на власта. Не бидете соочесници на Владата која носи загуби. Одважете се и ставете се на страната на народот и продолжете да делувате и понатаму сомостојно.

Затоа ја актуелизирам повторно потребата од лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за да можеме понатаму заеднички да ја градиме нашата Македонија.