Вечерва при гостувањето на Алсат ТВ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој посочи дека релевантни професори од Правниот факултет тврдат дека состанувањето на веќе распуштено Собрание е преседан со кој се крши Уставот на Република Македонија.
„Се наоѓаме во многу деликатна ситуација во државата, кога имаме поранешни пратеници и поранешен состав на Собранието и тоа не го говори само ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Тоа е практично став и на професори од делот на уставното право. Тука е и професорот Димовски, професорката Силјановска, професорката Каракамишева и други професори од правниот факултет кои што тврдат дека поранешни пратеници не можат да поднесат иницијатива“, појасни Мицкоски.
-Она што беше потребно по првите 30 дена вонредна состојба беше да се собереме повторно на лидерска и да одлучиме. Ова што сега се прави со состанување на Собранието е лакрдија. Едноставно е власта си прави лакрдија со состанувањето на Собранието. Власта имаше 30 дена за да ги донесе во вонредна состојба потребните мерки за стопанстото. За што им требаат уште 30?
Мицкоски додаде дека тоа е сериозен преседан кој што ќе значи директно кршење на Уставот на Република Македонија.
При тоа, тој посочи:
-Мојот став околу тоа прашање е дека што и да се случи и да продолжи СДСМ на неуставен начин да се обидува да ги свикува парламентарците во парламентот ние ќе велиме не, тие ќе велат така е, ќе цитираме Устави, членови, венецијански комисии. Факт е дека ние имаме состојба на криза, дали ние формално сме ја прогласиле или не, ние имаме во моментот состојба на криза и логично е да го повикаме претседателот на државата бидејќи пред да се воведе вонредна состојба го повикавме претседателот да прогласи вонредна состојба. Пред да ја прогласи таа вонредна состојба имавме состанок кај претседателот на државата да најдеме начин како да се одложат тие избори. Тогаш на тој состанок нас ни беше аргументирано од страна на владеачкото мнозинство дека на нас ни е потребна вонредна состојба за да може Владата да носи уредби со сила на закон бидејќи на стопанството му се потребни мерки, предлози и да донесеме уредба со која што ќе ги прекинеме изборните дејства. Ајде сега истиот претседател на државата да направи една таква лидерска средба да седнеме да поразговараме.
Мицкоски во своето гостување го повика претседателот Пендаровски да свика лидерска средба и владеачкото мнозинство да каже која е целта на ова противуставно собирање во парламентот.
-Ја користам оваа прилика да го повикам претседателот во најскоро време, да не создаваме во реалноста непотребна тензија, да не се контрираме со позиции да се надмудруваме кој е погласен или повидлив, дајте да седнеме да направиме една лидерска средба, да ги отвориме картите, нека не запознае владеачкото мнозинтво, нека не запознае Зоран Заев што е целта на ова противно уставно собирање и да видиме дали можеме да се договориме.