Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честитам државниот празник, Денот на народното востание, 11-ти Октомври, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор го продолжи стремежот на македонскиот народ за слободен живот и сопствена држава. На 11 Октомври македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата, се спротивстави против теророт и застана страната на правдата, човечноста и слободата. Со народно ослободителната борба македонскиот народ го потврди континуитетот на борбата за државност и самостојност и ги реализира целите и идеалите на Илинденците, со што ги постави темелите на македонската држава. Со тоа се оствари и вековниот сон за кој животот го посветија и дадоа многу македонски херои. Патот по кој одеа нашите и дедовци и татковци, и дадоа жртва за остварување на идеалот за државност и слобода, не води и денес во остварување на подобра држава Македонија и подобра иднина за нас и нашите идни генерации, вели Мицкоски.
Тој додава дека за жал денеска народот повторно е обесправен, а се тргува и со темелот на македонската држава и борбата на оние кои ни ја донесоа слободата и дадоа жртва борејќи се против неправдата. Денеска гледаме откажување и продажба на македонските национални и државни вредности додека врз народот се врши невидена тортура и реваншизам. Неправдите, сиромаштијата и криминалот се секојдневие во Македонија. Токму затоа денес повторно е неопходно да застанеме против неправдите и да се избориме против злото за да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат, градејќи светла и сигурна европска иднина.
-Сите граѓани во Македонија го живееме истото секојдневие и затоа на 11 Октомври да се потсетиме на жртвата кои ја дадоа македонските херои и да го продолжиме нивниот идеал, да се избориме за правдата и за доброто на државата и идните генерации. Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација. Честит 11 Октомври!, вели Мицкоски во своето обраќање до јавностa.