Многу е важно да споменеме што ни се случуваше изминативе 6 и половина години, грабеж, понижување, срам и да не дозволиме никогаш повеќе да се повторат. Ветуваа дека ќе донеле правда и мир, а ниту правда ниту мир донесоа, никогаш полошо не се живеело криминалци царуваат со градовите, а оние кои треба да се одговорни за правдата и мирот се најверни коалициони партнери на криминалците, изјави претседателот од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Кратово.
Мицкоски нагласи дека законите не важат за сите подеднакво, државата му е украдена на народот и со неа управува мала тесна клика на власта која континуирано ја понижува, ограбува и срами Македонија, како и дека има цикличен артаноиден режим во Македонија.
– Шансата за сето ова да се промени ја имаме на 24 април да излеземе да го заокружиме бројот 2 да ја поддржиме идната претседателка Гордана Силјановска Давкова а потоа уште помасовно на 8 мај, Македонија не само горда, да ја направиме и повторно твоја, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека оваа власт ветуваше подобар живот и за земјоделците, за пензионерите, учениците, за здравството, но наместо тоа гледаме да нема загарантиран откуп за земјоделците, да нема учебници за учениците, пензионерите да протестираат за пензии, а во здравството видовме како се запали модуларната и луѓе загинаа, а бевме во првите 5 држави по смртност во корона пандемијата.
Мицкоски се осврна и на ДУИ за кои рече дека ги напаѓа затоа што се криминалци.
Тие ме нарекуваат анти Албанец, а јас сум анти ДУИ криминалците. Ќе зборувам против принципот на владеење „како до сега“ како му рече Ахмети на Ковачевски. Ќе бидам против системот на владеење каде момчиња кои само што се од фамилијата Ахмети купуваат милионски имоти во центрите на градовите, тие кои се дел од тоа семејство и сватови имаат возен парк од неколку милиони евра, а народот нема леб да јаде, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека по 8 мај владата на коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има задача сите кои ја ограбија и понижија Македонија да ги прати во затвор, доста беше од овие стотина разбојници кои ја уништија Македонија.
Говорејќи за Пендаровски, Мицкоски потсети како Пендаровски едно зборува наутро, друго на пладне, а навечер ги демантира двете, како и дека во меѓувреме ќе кажува дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека ако не бил претседател ќе се селел од Македонија, ќе навредува дама како професорката Гордана Силјановска Давкова.
– Од друга страна имаме титан како професорката Силјановска Давкова која изминативе години ги бранеше македонските национални интереси, заслужува поддршка и историска победа на овие избори. Таа застана заедно со нас во првите редови одлучи за да се бори за Македонија за својот народ, за сите нас за достоинствена просперитетна држава со можности и шанса за секого, истакна Мицкоски.
Мицкоски повика сите масовно да се обединиме на 24 април да му помогнеме на Пендаровски да ги пакува куферите, да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа на 8 мај да ја направиме Македонија и повторно горда и повторно горда и да стигнеме до 61 пратеник, да ја ослободиме Македонија од овие стотина разбојници од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ.