Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод последните изјави на бугарскиот премиер, Кирил Петков, изјави дека целта на Бугарија е асимилација или бугаризација на Македонија и македонскио народ пред влезот во ЕУ.
„Па ако прецизно ја читате таа изјава од Кирил Петков ќе видите дека тоа што тој го зборува го зборуваме веќе ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично месеци наназад а тоа е дека нашите билатерални проблеми и сите оние барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка, што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во Европската Унија, или нема за нас Европска Унија и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција“, посочи Христијан Мицкоски.
Иако како што вели самиот Мицкоски и тие го зборуваат истото подолго време или предупредуваат на такво нешто, сепак вели убеден е дека земјите членки на ЕУ тоа нема да го дозволат бидејќи многу пати во минатото истите тие земји членки кажале дека билатералните проблеми се само билатерални проблеми и тие никако не можат да бидат мултилатерални односно проблеми на земјите членки на ЕУ.
Запрашан за коментар за тоа дали е можен договор помеѓу СОНК и Владата за учениците конечно од вторник да се вратат во клупите, Мицкоски истакна дека Владата треба да ги прифати барањата на СОНК и апелираше до Ковачевски и останатите на разум.
„Јас апелирам да се постигне договор час поскоро и од вторник сите ученици да се вратат онаму каде што им е местото, во клупите. Владата треба да ги прифати барањата на СОНК, а не со нивниот омилен синдикалец кој што напати во минатото се покажа како верен послушник на политиките најпрвин на Зоран Заев, а сега и на Ковачевски, да прави некакви квази договори. Апелизам за разум до Ковачевски и останатите да намалат со крадењата и трошењата и да ги задоволат барањата на СОНК и на наставниците и на вработените во градинките, а учениците да се вратат во вторник онаму каде што им е местото, а тоа е во клупите“, потенцираше Мицкоски.