Ние од денес тргнуваме по домовите, улиците и булеварите за на граѓаните да им ја раскажеме нашата приказна и со нив во нашата предизборна програма да ги реализираме политиките на идната Влада, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски и го најави почетокот на кампањата „Разговори за обнова на Македонија“.
Пред битолчани Мицкоски посочи дека кампањата ќе биде поделена во два дела, прв дел – интерактивна програма која ќе ја пишуваат граѓаните за секој град одделно, и втор стратешки дел, посветен на стратешките проекти значајни за цела држава.
-Оваа генерација Македонци нема право на грешка и затоа одлучно ќе ја обновиме државата и ќе ја направиме достоинствено место за живеење. Прво што ќе направиме е „нула-толеранција“ за криминалот и корупцијата, без разлика од каде доаѓа и кој тоа го направил, политички определен или неопределен. Ќе одговара секој што направил криминал бидејќи народот изгуби доверба, затоа што народот се чувствува беспомошен, затоа што народот нема доверба во судството нити во обвинителството. Народот нема доверба нити во политичките партии затоа што гледаат дека политичките партии заедно со судиите и обвинителите соработуваат само за своите интереси. Правдата мора да се врати без влијание на политичари и политички елити, истакна Мицкоски.
Пред членовите и симпатизарите на ВМРО – ДПМНЕ, првиот човек на македонската опозиција говореше за слабостите во јавното здравство, образованието и економијата, за нереализираните ветувања на актуелната власт и сиромаштијата на населението, затоа што како што рече има помалку пари во државниот буџет бидејќи нема кој да плаќа даноци, на стопанството лошо му оди и намален е бројот на вработени во индустријата, затоа што индустријата е во колапс.
-Нудиме поинаков пристап и затоа сакаме да ги слушнеме проблемите на граѓаните, иако за најголем дел од проблемите знаеме. Свесен сум дека сето ова од страна на нашиот политички противник ќе биде дочекано со реминисценција на минатото, но нашата главна цел е заедно со граѓаните да направиме нешто за кое што ќе го заслужиме нашето место во историјата, нагласи Мицкоски.
На отворената средба на Широк Сокак, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека како идна власт се обврзуваат Битола да ја направат културен и универзитетски центар, економски „тигар“ и ќе ја вратат публиката на стадионот под Тумбе Кафе.
-Советувајте ме како треба бидејќи ние сакаме да бидеме политичари слуги на народот, а не политичари кои ќе владеат со народот, рече Мицкоски на почетокот од националната кампања на ВМРО – ДПМНЕ насловена како „Разговори за обнова на Македонија“.