Премиерот Христијан Мицкоски од Берлин се врати како поголем оптимист за европската интеграција на земјава, но и со дилема дали да го испрати најавеното писмо до европските институции и членки, со нов предлог како може, токму европскиот пат на земјава да се одблокира. Мицкоски оптимизмот рече дека му доаѓа од новите иницијативи кои ги слушнал од своите соговорници на маргините на Берлинскиот процес и од средбите со германските официјал претставници.
„Во интерес на разговорите и на очекувањата кои ги имама како ќе се развиваат работите не би сакал јавно да изнесувам детали, но сум поголем оптимист, многу поголем отколку пред средбите во Берлин и средбата со Шолц“, изјави Мицкоски.
Тој не кажа дали пак пораката која вчера исто така стигна од Берлин, од министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, дека следниот чекор за Македонија кон ЕУ се уставните измени и дека на земјава не и се нанесува неправда, туку се додека правилото во ЕУ е едногласно одлучување, тоа ќе треба да се почитува, е пораката к
оја го премислила за испраќање на писмото до ЕУ.
„После посетата на Брисел имам лична дилема, бидејќи таму имав можност сите да ги запознаам со најголемиот дел од содржината на тоа писмо, имам лична дилема дали треба да го испратам“, рече Мицкоски.
Мицкоски притоа е на став дека оптимизмот со кој се вратил од Берлин и писмото до ЕУ се две различни работи.
„Па не би рекол, затоа што разговорите кои што се водеа во Берлин ме правата многу поголем оптимист од тоа што бев претходно. И се плашам дека, имам лична дилема, не сум донел конечна одлука, ова е лична дилема, дека писмото може да не дефокусира од тоа што беше разговарано во Берлин“, изјави Мицкоски.
Инаку премиерот Мицкоски во саботата, пред да замине на Берлинскиот процес, изјави дека со посетата на Берлин ќе има појасна слика за тоа до каде може и што може да се направи пред да го испрати писмото до ЕУ.