Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на отворањето на Генералното собрание на подмладокот на Европската Народна Партија (ЕПП) во Скопје, беше запрашан за коментар за новиот избор на судии во Апелацискиот суд, поради што може да се дојде до застарување на судски предмети.

Мицкоски истакна дека тоа се последни грчевити обиди на власта да се постават уште некој партизиран судија и обвинител, мислејќи дека на тој начин ќе си обезбедат амнестија и неказнивост за криминалот кој што до сега го направиле.

„Тоа е октроирано обвинителство и судство. Oва се последни грчевити обиди да се постават уште по некој партизиран обвинител и судија мислејќи дека заедно со измените во Кривичниот законик ќе обезбедат амнестија и политичка неказнивост за сиот криминал и злодела што ги направија овие шест години. Но залудно е сето тоа, залудни се овие обиди на оваа власт во заминување, бидејќи следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, владеењето на правото, исто така, го става како еден од главните, ако не и најглавен врвен приоритет во работењето“, рече Мицкоски.