Постигнавме историски највисока цена на откупен тутун по килограм од 400 денари, објави на својата Фејсбук страница премиерот Христијан Мицкоски.

-Во изминатиот период заедно со Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Цветан Трипуновски имав интензивни средби со тутунарите и откупувачите на тутун. Од денес откупувачите на тутун ја дополнија откупната цена од 375 на 400 денари за откупен тутун прва класа, со што тутунарите ќе ја добијат вкупната сума кои ја бараа. Дополнително Владата ќе ја зголеми и субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм, што значи дека заедно со откупната цена и субвенциите секој тутунар ќе добие по 500 денари за килограм тутун. Пресметките говорат дека само оваа година над 140 милиони евра ќе завршат во рацете на тутунарите. На овој начин директно помагаме на земјоделците кои се р’бетот на нашата земја и кои со мака и труд заработуваат за пристоен живот. Продолжуваме 100% посветени, пишува Мицкоски во својата објава.

Денеска тој појасни пред новинарите дека „целата реколта ќе се продава по цена од 400 денари по килограм тутун, субвенцијата од 80 денари ја зголемивме на 100 денари по килограм тутун“.

-Навистина сум задоволен што работевме заедно со тутунопроизводителите, тутунарите, со откупувачите и дојдовме до овој историски момент. За да биде појасно за граѓаните, дека тутурарите кон крајот на првиот квартал секоја година потпишуваат договори со откупувачите за тутунунот, за откупот на тутун и цената, и таа за оваа година беше 375 денари по килограм прва класа. Бидејќи реколтата е некаде околу 17 милиони килограми, со исклучително добар квалитет, имавме разговори со тутуно производителите, тутунарите и дојдовме до посакувана цена од 400 денари по килограм, изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски објасни дека целата реколта ќе се продава по цена од 400 денари по килограм тутун, и дека субвенцијата од 80 денари Владата ја зголеми на 100 денари по килограм тутун.

-Во рамките на моите активности имав состанок со речиси сите откупувачи. Разговаравме деновиве, преговаравме и еве денеска можам да кажам дека најголемите откупувачи ја објавија веќе цената од 400 денари по килограм и она исто така кое е охрабрувачки е тоа што целокупната реколта се откупува како прва класа, значи се се плаќа по 400 денари, и исто така можам да кажам дека како Влада донесовме одлука и субвенцијата од 80 денари да ја зголемиме за 20 денари и да биде 100 денари, појасни Мицкоски и додаде:

-Што ќе значи, сумарно за еден килограм откупен тутун на тутунарите вкупно ќе им бидат исплатени 500 денари за тој килограм или некаде околу 140 милиони евра ќе влезат свежи пари, капитал кај тутунопроизводителите, што навистина претставува квалитетен податок, додаде Мицкоски.