Полагањето на правосудниот испит на албански јазик е прашање кое мора да се решава суштински и исклучиво во рамки на Уставот и законите, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој одговарајќи на новинарско прашање по направениот увид во градежни активности на доградба на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ во Општина Кисела Вода, појасни дека сегашниот закон не дозволува таков тип на полагање, но изрази подготвеност тоа да се регулира и не само за албанскиот јазик, туку и за јазиците на сите народи од Преамбулата.
– Ние мораме да ја гледаме суштината за да дојдеме до решението. Уставот е јасен и прецизен и Уставот вели дека официјален јазик на целата територија на Македонија и во меѓународна употреба е македонскиот јазик, но исто така, официјален јазик е во случајот и албанскиот, односно заедницата, којашто е повеќе од дваесет проценти. Тоа е амандманот 5, кој што практично го заменува членот 7 од Уставот и во еден дел од тој амандман 5, многу јасно стои, комуникацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот, во случајот на заедницата, која што е повеќе од дваесет проценти, откако тоа ќе биде утврдено со закон, истакна Мицкоски.
Тој изрази подготвеност да се регулира тоа со закон за сите јазици на сите делови и народи кои што се споменати во преамбулата бидејќи, нагласи, Уставот вели дека во единиците на локална самоуправа, каде што имаме националност, која е повеќе од 20 проценти од вкупниот број, комуникацијата со подрачните единици на министерствата и таа националност се одвива на нивниот мајчин јазик.
Според него, потребно е да се направи закон, кој ќе биде пратен во Венецијанската комисија, која ќе даде свое мислење дали е согласно Устав или не е.
– Факт е дека кога е направен Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија за делот на правосудството дава негативно мислење. Тоа е факт. Исто така, треба и тоа да се спомене. Кога се дава една анамнеза, треба сите параметри да се имаат во предвид. Но, еве, политичка волја од моја страна има да се седне, да се регулира ова согласно закон и јас ќе ги поканам утре луѓето кои што ја изнесоа темата за оваа работа во јавност. Сакам да поразговараме со сите овие факти што сега накратко ги објаснив, за да дојдеме до решение, изјави Мицкоски.
Целта на оваа Влада, нагласи, е да ја развива Македонија, граѓаните да живеат подобро, да одиме напред и еден ден да бидеме дел од Европската унија и оти политиканство не и е потребно на државата.
Во однос на изборот на државен јавен обвинител, Мицкоски нагласи дека нема фаворит и дека чека Советот на јавни обвинители да се произнесе, а потоа вели, ќе се произнесат како Влада.
(МИА)




