Премиерот Димитар Ковачевски има рок до 10 мај да донесе одлука за лидерско соочување и одлука за предвремени парламентарни избори, а по тој рок почнува активната блокада на Парламентот – претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не отстапува од одлуката која ја донесоа партиските органи дека власта мора да одговара за сите дебакли и кризи во кои како што вели, го внесоа македонскиот народ.
-Мојот став е дека до 10 мај има рок, нека не брза, нека размисли, по 10 ние продолжуваме според она што го усвои ИК на партијата, а тоа е активна блокада на македонскиот парламент. Доколку не сака сам, тој на таа средба може да го земе и Османи, и Ахмети, и Љубчо Георгиевски, нека дојде и со Павле Трајанов, со Маја Морачанин, Горан Милевски, со сите со цела коалиција, еве јас ќе бидам со моите соработници, да разговараме за датум за избори, а до тогаш му нудам четири тима, да му помогнат колку толку да ги ублажиме ефектите од оваа кризна состојба во која што се најде нашата земја, кажа Мицкоски.
А Ковачевски не ја прифаќа понудата на Мицковски. По актуелната политичка и економска криза, премиерот не гледа причина на маса да биде ставена точка само за предвремени избори, оти сигурен бил дека следни избори ќе имало во редовниот термин во 2024-та.
-Уцена со одбројувања, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори, изјави вчера Ковачевски .
Додека Ковачевски одбива да седне на маса со Мицкоски под такви услови, неговиот коалициски партнер Али Ахмети не го дели таквото мислење. Првиот интегративец смета дека нема ништо лошо во средби, но под услов тие да не бидат условувани и со наметнување на теми, туку за одредени и важни прашања, како тоа за затворање на прашањето со Бугарија.
Дека избори се неопходни веќе се изјаснија и од БЕСА. Лидерот Билал Касами вели дека владата нема кредибилитет да ја води државата, затоа најавува дека и неговата партија ќе ја блокира работата на Собранието. И Алијанса за Албанците бара предвремени избори, а наскоро ќе одлучува и за натамошните чекори.