Родилката Јилдиз Веапоска, која по породување со царски рез од струшката болница излезе без матка, бубрег и јајник очекува правда и тројцата осомничени доктори да ја добијат казната што ја заслужуваат.

Таа во изјава за Прес24 вели дека отворањето обвинителниот акт кој го поднесе Основното јавно обвинителство од Струга е само почеток.

-Ова е само почеток. Очекувам правдата да тера до крај и лекарите да си ја добијат казната што ја заслужуваат, вели Веапоска во телефонска изјава.

ОЈО отвори случај речиси две години откако Веапоска ги загуби трите органи. Специјалист гинеколог акушер, д-р Мухамед Асани специјализант по гинекологија и акушерство и гинеколог акушер, вработени во ЈЗУ Медицински центар Струга се товарат дека при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката.

Две години подоцна Веапоска сѐ уште чувствува последици.

-Се лекувам на психијатрија, на Клиника. Со помош на психијатар, со помош на психолог и на сите лекари некако опстанувам, некако стојам на нозе, вели Веапоска.

Во соопштението од Јавното обвинителство објавија детали за случувањата од пред две години.

 

–Родилката била примена на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија. Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок, соопшти ОЈО.

Во такви услови, се вели во соопштението, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената.

Случајот го истражуваше и лекарската комора, но не пронајде лекарска грешка. Според стручниот наод кој беше објавен во март минатата година, Јилдиз Веапоска била соодветно примена и адекватно подготвена за породување.

-Лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пацинетката во услови на живото-загрозувачка состојба, се вели во дописот кој го испрати Здравство.

Видео на ТВ Сител за случајот со родилката може да погледнете ТУКА.