Две и пол децении по почнувањето на нашиот пат кон членство во ЕУ, ние се уште сме на истото место, не затоа што не ги исполнуваме Копенхашките критериуми, туку поради некои вештачки причини, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешниот Самит за проширувањето во Брисел, организиран од страна на телевизијата Еуроњуз.

Мицкоски потенцира дека земјава го започна патувањето кон ЕУ пред 25 години, кога го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Унијата, стана кандидатка за членство во 2005 година, заедно со Хрватска, со која заедно го доби и првиот позитивен извештај за започнување на преговорите во 2009, но за жал денес е на истото место каде што беше и пред 25 години.

– Не, поради Копенхашките критериуми, не поради неисполнување на некои обврски, туку поради некои вештачки спорови, како што се нашето национално знаме, нашето национално име, името на земјата, поради оваа промена на уставот, па потоа поради онаа. И сега повторно сме пред уште една пречка, уште едно ограничување наметнато пред нас за промена на Уставот, потенцира премиерот.

Мицкоски истакна дека и покрај сите овие пречки, ние се уште веруваме дека нашата иднина е во Европската Унија.

– Ние сме дел од европскиот континент и веруваме дека интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ претставува додадена вредност за самата ЕУ, а тоа значи еден вид реобединување на европски континент и мислам дека иднината на мојата земја и иднината на мојот народ, Македонците, е во Европската Унија. Затоа, и покрај сите овие понижувања и разочарувања и покрај сегашната фрустрација на нашите граѓани, се уште ги споделуваме истите вредности, истакна Мицкоски.

Тој потенцира дека кога Преспанскиот договор „беше на маса“, многумина од сите страни во странство не убедуваа дека ние сме лидери во регионот и сме далеку пред другите земји од Западниот Балкан и веднаш штом ќе најдеме решение за спорот со името со Грција ќе станеме членка на НАТО, а за четири или пет години и на ЕУ.

– Тие четири или пет години истекоа пред две години и ние сме на истото место каде што бевме пред две и пол децении. Зошто? Затоа што сега пред нас е нова пречка, ново ограничување, повторно промена на Уставот, рече Мицкоски.

Според него, суштината на тие уставни измени е вклучување во Преамбулата на Уставот на дел од бугарскиот народ што живее во нашата земја, а станува збор за неколку стотици луѓе, кои на последниот попис се изјасниле дека нивниот мајчин јазик е бугарскиот.

Тој потенцира дека сега се поставува прашањето дали таа измена на Уставот ќе биде последното нешто што ќе треба да го направиме или во иднина ќе има и нови барања.

– Зошто треба да внесеме неколку стотици граѓани на нашата земја во нашиот Устав? Зборуваме за непочитување на човековите права на некого? Кои сме ние политичарите да проценуваме дали нечие право е прекршено или не? Можеме само да го злоупотребиме тоа прашање. Вистинската институција која проценува дали нечие право е прекршено или не е во Стразбур и се нарекува Европски суд за човекови права, истакна Мицкоски.

Премиерот потенцира дека тој Суд во последните неколку години 14 пати пресуди во корист на македонската заедница во Бугарија и ниту еднаш во полза на бугарската заедница во земјата, што го покренува прашањето зошто ние да го промениме Уставот и што е со човековите права на припадниците на македонската заедница во Бугарија. Според Мицкоски, токму затоа Владата го покренува прашањето за почитувањето на меѓународното право и резолуциите заштитата на човековите права.

Тој нагласи дека неколкуте стотина припадници на бугарската заедница во земјава ги имаат сите права и се дел од нашите институции, а од друга страна на десетици илјади припадници на македонската заедница во Бугарија не им е дозволено ниту да регистрираат невладини организации.

– Но, во ред. Тие се во ЕУ, ние сме надвор и ова е еден вид „булинг“, но во ред. Ние, би сакале да се видиме себеси на масата во Брисел и која е сега цената и дали ова е последната цена што треба да ја платиме. Тоа е вистинското прашање, рече Мицкоски.

Тој истакна дека доколку ЕУ дозволи вакво однесување и ставањето вета на некој кој сака да и се приклучи да функционира, тогаш тој рецепт ќе може да се користи и во други случаи, со што ќе се нарушат принципите и вредностите на кои е изградена Унијата.

– Самата Европска Унија треба да се запраша што прави. Што прави со едногласноста и дали е тоа во согласност со принципите и вредностите врз кои таа се развива. Не сум изненаден и веројатно ова ќе се случува и во иднина одново и одново, бидејќи функционира. Очигледно функционира, бидејќи пред две и пол децении го започнавме ова патување и сега сме на истото место каде што бевме и тогаш. Зошто, затоа што некој ја злоупотребува оваа алатка, истакна Мицкоски.

Премиерот потенцира дека и покрај сите пречки, поддршката на македонските граѓани за членство во ЕУ е меѓу највисоките во регионот, но во исто време бил сведок и дека многу млади луѓе поради ваквата ситуација и чувството на безнадежност ја напуштиле земјата и сега живеат во европските држави.

– Кога бев избран за премиер, реков во ред, ова е пречка, веројатно ќе има многу предизвици пред нас до самиот крај. Судбината на големите е да прават што можат, а на малите што мораат. За жал, ние сме мали, па ајде да си ја завршиме домашната задача, да создадеме добро опкружување, да ги вратиме младите дома и да развиеме нешто што ќе биде добро за нив. Да ја изработиме домашната задача што ќе ја импресионира ЕУ и тогаш можеби некој во ЕУ ќе каже доста е. Да на правиме нешто за нив, бидејќи во спротивно тоа ќе ги поткопа нашите вредности и практично нема иднина, рече Мицкоски.

Затоа, според него, потребно е земјава да ја заврши својата домашна задача и да испорача, што веќе е видливо од стапувањето на новата Влада во економијата, остварен е најголем реален или номинален раст на БДП во споредба со претходната година, имаме ниска стапка на инфлација и макроекономската ситуацијата е доста пристојна.

– И луѓето се враќаат дома, што е добро и е охрабрувачки, заклучи премиерот Мицкоски.